Вчера во Скопје беа нападнати и навредени режисерот Владимир Милчин и новинарот Борјан Јовановски. Двајцата беа плукнати од млади момчиња?! Милчин во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека нападите се толку проѕирни и видно оркестрирани од власта во заминување.
Милчин вели дека нападот се случил вчера, малку пред инцидентот кога друго момче го плукнало новинарот Јовановски.
„Момчето седеше на клупа пред куќата во која живеам, и кога излегов надвор со сопругата, тој стана и ми се обрати: ‘Господине Милчин, зошто не му се придружите на македонскиот народ на протестите?’ Му одговорив дека не ода со оние кои тепаат новинари! Исто така, несигурно ме праша – како можам да седам дома и да ги бројам парите од Сорос…“
Според Милчин, момчето изговорило антологиска реченица: „Моментално не тепаме!“
„Тие сега врабуваат млади момчиња да напаѓаат, и едвај чекаат некој да изреагира, за да имаат повод за поголеми инциденти и нереди. Ова е ситуација – да не е страшно, би било смешно. Случајот не го пријавив во полиција, бидејќи не верувам ниту јас, ниту граѓаните – дека ќе не заштити полицијата која ја раководи Митко Чавков“, изјави Милчин за ЦИВИЛ Медиа.
Тој потенцира дека бил нападнат од зад грб од „еден маскиран тип, и на 17 април 2015 година, истото попладне кога го испорачаа посмртниот венец во домот на Борјан Јовановски“.
„Ми се стори дека во споредба со тој морбиден испад, тоа што останав без очилата кои на бегање ги однесе маскираниот тип, не е толку страшно за да се крева врева“, вели Милчин.
Новинарот Борјан Јовановски, на својот Фејбук профил по вчерашниот напад напиша: „Бев на ручек со мојот пријател и колега Атанас Кировски. Неочекувано до масата пристапи едно детуле кое се уште не си ни бричи. Малолетно. Ми се обрати со зборот ‘предавник’. Прашав дали воопшто знае што зборува, а тој ме плукна в лице и замина. Детето е злоупотребено. Нарачателот ми е познат, бидејќи беше присутен во ресторанот ‘Воденица’. Пораката е примена. Инспираторот е исто така познат, Миленко Неделковски. Кратко да завршам… Двајцата ќе одговарате, а од мојот патриотизам и љубов кон демократска и европска Македонија нема да ме одвратите“.
Дехран Муратов