Македонскиот институт за медиуми (МИМ) им го честита на медиумските професионалци Светскиот ден на слободата на медиумите, велејќи дека и во вонредните услови предизвикани од кризата со Ковид-19, навремено продолжуваат да ги информираат граѓаните.
„Пандемијата покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации, базирани на факти кои се обезбедени од кредибилни извори. Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност. Од друга страна, кризата уште повеќе ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот.“, се вели во соопштението.
Од таму наведуваат дека за успешно справување со рапидното ширење лаги, манипулаци и говор на омраза, потребен е проактивен ангажман на сите општествени чинители, пред сè на властите и на државните институции, политичките партии, претставниците на медиумите и на граѓанскиот сектор, академската сфера и сите граѓани како корисници на медиумските услуги.
За сите мерки и активности што ќе се преземат, потенцираат дека мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и принципите на слободата на изразувањето како основно човеково право, независноста на медиумите, слободниот пристап до информациите од јавен карактер и заштитата на приватноста на граѓаните, се вели во соопштението на МИМ.