Оваа недела помина во знакот несовесното работење на полицијата и судовите, улогата на младите во референдумскиот процес, а во тој контекст на мета беа гласачите третирани како бројки и состојбата на Избирачкиот список.
Џабир Дерала во директно зборуваше за едно брутално убиство што го извршува припадник на полицијата, но истовремено потсети дека јавноста треба да има предвид и други моменти. Зборувајќи поопширно за пропустите на полицијата ја истакна и употребата на службеното оружје и воопшто вооруженото насилство.
„Мора да се зајакнат процедурите за употреба на службеното оружје во институциите каде што е инволвирано оружјето. Се разбира, и во доменот на цивилното поседување на оружјето за кое многу често сме зборувале и во минатото, контролата мора да се зајакне. Ова е трагичен настан кој не замислува сите и ги ужаснува граѓанките и граѓаните. Но, сепак, треба да оставиме на институциите ова да го решат на начин кој е брз, ефикасен и законски“, изјави Дерала.
Критика се упати и до политичките партии и нивниот начин на креирање на јавното мислење во вакви трагични случаи.
„Се разбира, не помагаат ни најмалку соопштенија од една од најнеодговорните политички партии во Македонија кои своите недостатоци, односно последици од ужасното владеење ги припишуваат на оваа власт, а од друга страна оваа власт не може да се амнестира од одговорност заради бавноста на реформите“, истакна Дерала
Референдум: Правото на глас и состојбата на Избирачкиот список
ЦИВИЛ постојано апелира на гласање и искористување на правото на глас, односно со својата излезност да одлучат за иднината да државата.
„… во ниеден момент немаме намера да сугерираме како да гласаат граѓанките или граѓаните. Уште еднаш ќе повторам граѓанките и граѓаните би требало да останат достоинствени и смирени и да не одговараат на говорот на омраза со говор на омраза“, истакна Дерала
Во контекст на правото на глас ЦИВИЛ апелираше до Државната изборна комисија и институциите за поефикасно и побрзо решавање на спорните елементи во заштитата на гласачкото право.
„Сега имаме ситуација луѓето што се болни, односно тие што не знаат дека ќе се разболат на денот на гласање, нема да може да го искористат своето право ако седум дена пред тоа не ја најават својата потреба да гласаат дома. Значи, ако се разболиш пет дена пред референдумот не ќе може да гласате од дома туку ќе мора да се снаоѓате да одите до гласачкото место за да го направите тоа.
Апелираме до државните институции, до ДИК, до Собранието да спроведат некои итни мерки кои се во рамки на законот и да обезбедат гласање на сите граѓан(к)и со право на глас. Што е можно побрзо и поефикасно да им овозможат такво нешто бидејќи според уставот имаат обврска да им овозможат услови за гласање на сите граѓанки и граѓани со право на глас“, рече Дерала.
Биљана Јордановска фокусот го насочи кон состојбата на Избирачкиот список.
„Апелот на ЦИВИЛ и бурната реакција е дека бројката на впишани гласачи во Избирачкиот список е нереална. Соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија нема да функционира со вкрстените проверки и дека повторно на сцена ќе настапат фантомските гласачи, повторно ќе се појават починати лица и спорни гласачи. Огромниот број на пријави коишто стигнаа на адресата на ЦИВИЛ токму тоа и го потврди. Очекувањата беа дека оваа бројка драстично ќе се намали, а не да се зголемува“, истана Јордановска.
5 мај 2015, демонстрантите уште на мета на правосудството
„Токму тие луѓе, сега, три години по овој настан, се викаат на суд. Се гонат судски заради тоа што го прекршиле јавниот ред и мир според член 15 од законот за прекршоци. Тоа е нешто што не можеме да го прифатиме во ниедна варијанта. Едноставно наместо тие луѓе да бидат пофалени во јавноста, да им се заблагодари Владата, институциите и граѓанките и граѓаните за тоа што го направиле, наместо тие луѓе да добијат извинување, наместо да бидат викнати на некоја средба со институциите да им се понуди некаков надомест за нанесената штета, материјален или морален, тие луѓе сè уште се мета на судскиот прогон. Речиси две години по падот на режимот на Груевски тие луѓе сè уште се повикуваат на суд“, зборувајќи во контекст на судските покани на демонстраните кои во голем број ни криви ни должни завржија во притвор на 5 мај 2015 искористувајќи го единствено демократското право на протест.
„Така, неколку наши другарки и другари се јавија во ЦИВИЛ и пријавија дека се поканети на суд во октомври. Едноставно не можеме да прифатиме како аргумент еве според законот сè мора да помине низ некој процес, дека ќе бидат ослободени поради олеснителни околности, застареност на предмет… Тоа не можеме да го прифатиме. Тој судски процес мора да се запомни како политички судски процес во кој се гонат луѓе што протестирале за слобода и за демократија“, дециден беше Дерала.
Останете со ЦИВИЛ будни, директни и гласни и наредната недела.
Б. Ј.