Полицијата во Минеаполис ќе биде „расформирана“, објавија властите на американскиот град каде што за време на полициско апсење беше убиен Афроамериканецот Џорџ Флојд.
„Ние сме за распуштање на полициската служба каква што ја знаеме во градот Минеаполис“, рече претседателот на Градскиот совет, Лиза Бендер, за Си-Ен-Ен.
Таа додаде дека властите, заедно со локалното население, ќе формираат „нов модел на јавна безбедност што навистина осигурува безбедност на сите луѓе“.
Бендер изјави дека има намера да ги пренасочи средствата наменети за градската полиција кон проекти што ќе се засноваат на локалната заедница.
Градскиот одбор разгледува и начини за замена на постојната полиција, рече Бендер, истакнувајќи дека тоа не е „краткорочен проект“.
Повеќето членови на Градскиот совет ја поддржуваат идејата за распуштање на полицијата и замена на она што го опишаа како модел за јавна безбедност базирана на заедницата.
Афроамериканецот Џорџ Флојд ќе биде погребан денеска во Хјустон, чие убиство во полициска акција во Минеаполис предизвика протести низ САД, но и во целиот свет.
Комеморацијата ќе трае шест часа во Хјустон, по што ќе биде погребан, пренесоа американски медиуми.
Флојд почина на 25 мај за време на апсење, кога полицаец му го притисна вратот со коленото повеќе од осум минути, а неговата смрт предизвика протести против расна дискриминација и полициска бруталност низ САД и во светот.
Претходно, се одржаа комеморации за Флојд, во Минеаполис, каде тој беше убиен, и Редфорд, неговиот роден град во Северна Каролина.