Синдикатот на одбраната и безбедноста денеска го искажа револтот на вработените во Министерството за одбрана и во АРМ поради, како што посочи, непочитување и намалување на правата од работен однос на вработените во овие институции.
Од Синдикатот најавија дека доколку продолжи намалувањето и непочитување на правата од работен однос во делот на додатоци и надоместоци на плата, ќе се покренат судски спорови пред надлежните судови.
Министерството за одбрана излезе со реакција за изјавите на СОБ, посочувајќи дека тврдењето за непочитување и намалување на правата од работен однос не само што не е точно, туку е и смислена манипулација.
„Иако Министерството за одбрана во изминатиот период неколку пати појасни дека уредбата на која се повикува Синдикатот, никогаш не ни била ставена во функција и дека сите надоместоци и во минатото, а и сега, ќе продолжат да се исплаќаат врз основа на Правилник кој произлегува од Законот за служба во АРМ, оваа лажна вест и натаму и се фрла на јавноста со надеж дека сто пати повторена лага може некој да ја прифати и како вистина. Но, да повториме уште еднаш: надоместоците кои им се исплаќаат на припадниците на АРМ по овој основ ќе продолжат и понатаму да се исплатуваат.
Во поглед на примањата на припадниците на АРМ, сакаме да потсетиме дека платата веќе еднаш е зголемена за 10 проценти и тоа во 2018 година, во јануари. Значи, повеќе од една година се исплатува поголема плата. Од септември платите на сите во АРМ и МО ќе бидат заголемени за 5 проценти. Ова е првпат, две години по ред да се зголемуваат платите во АРМ. Зголемувањето не е направено под притисок туку врз основа на слободна процена и како резултат на волја да се подобри состојбата во АРМ која цели десет години била занемарувана.
Што се однесува до барањето за зголемување на дневницата, потсетуваме дека токму оваа Влада ја врати исплатата на дневници за дежурство за припадниците на АРМ, уште во јули 2018 години. Она што подолго време не се исплаќаше, сега се плаќа и тоа редовно.
На ист начин го решивме и проблемот со јубилејната награда која по неколкугодишна неисплата, ја добија и оние припадници на кои во минатото не им беше исплатена.
Како Министерство за одбрана не можеме и не сакаме никого да спречиме или обесхрабриме да побара судска заштита доколку смета дека постојат правни основи за тоа. Но истовремено сакаме да укажеме на манипулациите кои одредени кругови ги прават со цел да се предизвика раздор меѓу вработените во нашата институција особено сега кога се во тек процеси за унапредување и развој на АРМ и исполнување на децениската заложба за НАТО членство.
Не сакаме да поверуваме дека некои од манипулациите и невистини кои беа анонимно пласирани во јавноста се дел од судирите и конкуренцијата во синдикалното организирање, но ги повикуваме сите фактори да се посветат на решавање на вистинските прашања кои се важни за вработените во одбраната“, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана.