Владиниот врв, на чело со премиерот Мицкоски и првиот вицепремиер Меџити и неколку министри и високи функционери присуствуваа на одбележувањето на Денот на независноста на Украина во Скопје. Владиниот врв уредно и со почит присуствуваше од почетокот до крајот на церемонијата што започна кај споменикот на украинскиот големец Тарас Шевченко во Паркот Жена борец и заврши со пригодни говори кај Алејата Украина. Овој настан вообичаено привлекува голем број дипломати и поддржувачи на Украина.
Премиерот, вицепремиерот и министрите го носеа големото украинско знаме низ центарот на главниот град и стоеја под жешкото сонце во првиот ред на свеченоста во Алејата Украина. Да, добро прочитавте, и Мицкоски го носеше знамето на Украина низ центарот на Скопје. Тој и високите владини претставници со внимание ги проследија говорите, украинската и македонската химна, и со минута молк им оддадоа почит на жртвите на руската агресија против Украина. По церемонијата и говорите, предводени од претставниците на амбасадата на Украина, Мицкоски, Меџити и другите министри ја посетија изложбата на отворено, со слики и цртежи од децата од херојскиот Никопољ, што беше поставена на Алејата Украина.
Овој гест на Мицкоски и високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ во владата, за мене е големо и пријатно изненадување. Без шега и иронија. Дали е акт на вистинска и искрена политичка волја на Мицкоски или е само пи-ар, ќе покаже времето. Како тоа ќе се одрази врз интензитетот и формите на руската пропаганда во македонските медиуми, исто така, останува да се види.
Од присуството на првиот вицепремиер Меџити не сум изненаден, бидејќи неговата отворена и силна поддршка за Украина е позната од порано, како во времето кога беше партиски функционер на ДУИ, така и подоцна, кога го формира Демократското движење. Тој беше еден од функционерите кој, заедно со градоначалникот на Чаир, Ганиу, го овозможи отворањето на Паркот Украина пред зградата на општината.
Северна Македонија е меѓу првите европски држави што ја поддржаа Украина уште од првиот ден на целосната руска агресија на 24 февруари 2022 година.