Владата ја стопира постапката за разрешување на државниот обивнител Љупчо Коцевски за да му даде шанса на обвинителството целосно да се посвети на истрагата за трагедијата во Кочани.
„Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат, посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни, впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа меѓу МВР и Јавното обвинителство што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски му порача на обвинителството и дека го охрабрува и за други случаи од минатото за кои јавноста е чувствителна, да констатира дали имало неправилности, дали правдата била селективна или не и за можноста повторно да ги преразгледа.
Постапката за смена на државниот обвинител сега е пред Советот на јавни обвинители, каде членовите на Советот треба да одлучуваат какво мислење ќе дадат за владиниот предлог за разрешување на Коцевски, позитивно или негативно.