Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и под овие услови се промени Уставот, тогаш јас ќе си заминам и ќе ја напуштам политиката, изјави денеска партискиот лидер, Христијан Мицкоски.
Според него, непроменливоста на Уставот е првиот браник.
„Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството. Нема такви. Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам. Ако гласа некој, ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика, ако јас додека сум претседател, под овие услови биде променет Уставот“, рече Мицкоски.
Во врска со провокациите тој е дециден дека ќе продолжат, посебно сега кога во Бугарија има избори.
Тој уште еднаш повтори дека државата оди во амбис и затоа, рече, се потребни предвремени избори.












