На прес конференција што ја одржа Христијан Мицкоски во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ денеска, јавно ја одби поканата за лидерска средба од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
На прес конференцијата, Мицкоски долго зборуваше во познатиот стил и со познатите дисквалификации на сметка на Владата, а повод беа најновите настани поврзани со истрагата на ОЈО во случајот „Примање награда за противзаконито влијание“.
На вчерашната прес конференција, Заев упати повик за лидерска среба за која предложи да се одржи во петок, 19 јули, во 14 часот во Клубот на пратениците, повикувајќи ги лидерите на ДУИ, Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ.
„За приоритетни теми од наша страна ги предлагам обединување околу принципиелен договор за нов Изборен законик, на време да се почне без притисок од скори избори и да си поставиме за цел до следните избори да обезбедиме лигслатива прифатлива за сите со вградени препораки до ОДИХР. Ќе разговараме, секако и за нов Изборен модел“, изјави Заев на почетокот на вчерашната прес конференција. Како теми за разговор Заев ги предложи и Законот за обвинителство и Законот за попис.
„Јас останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори“, одговори Заев на новинарско прашање околу ставот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба само ако се разговара за предвремени парламентарни избори.
Денеска Мицкоски изјави дека нема намера да учествува на лидерската средба.
Џ. Д.












