Имаме информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Според тие информации, очекуваме тоа да се случи оваа есен, истакна премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција што ја имаше заедно со косовскиот премиер Албин Курти, одговарајќи на новинарско прашање да открие повеќе детали за информациите што ги изнесе во интервју за неделникот „Фокус“.
„Ние како влада имаме целосно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“, рече премиерот Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на изборната кампања (на 30 април 2024) истакна дека вооружена група се движи низ Чаир и Бутел и дека нив ги координира соработник на Али Ахмети.
„Али Ахмети точно знае што зборувам и точно знае неговиот соработник кој уживаше привилегии во претседателски апартман во луксузен хотел во Истанбул. Тој ја координира таа група што се движи на територија на општина Бутел и Чаир. Ги знаеме лицата и знаеме што прават, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за наводно вооружени лица што се собирале во Чаир.
Од ДУИ тогаш возвратија дека Мицкоски и ВМРО со лажни вести измислуваат, дезинформираат и оцрнуваат сè што е албанско.
„Свесен и исплашен дека нивните слуги од албанската опозиција ќе претрпат длабок пораз, Мицкоски намерно ги загрозува меѓуетничките односи предизвикувајќи страв од дестабилизација на ситуацијата, која е желба и главна цел на проруските центри во Северна Македонија“, истакнаа од ДУИ.
Изборите поминаа, вооружена група немаше, ниту имаше уапсени лица за кои Мицкоски тврдеше дека ги знае и има има докази. Колку за потсетување, за време на техничката влада со Министерството за внатрешни работи раководеше актуелниот министер Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали заплашувењето дека ДУИ ќе се обиде да ја дестабилизираат државата оваа есен е уште една (дез)информација како заплашувањето од наводна вооружена група контролирана од ДИУ за време на изборната кампања или навистина постои закана за мирот и стабилноста?
Дехран Муратов
Фото: Влада на Република Северна Македонија