Владата не е решението за оваа национална катастрофа, таа е проблемот. Очекував барем малку да има одговорност во СДСМ и во услови на криза како политичари да генерираме единство. Ние утре ќе имаме седница на Извршен комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание. Тоа ќе биде активна блокада на се, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.
Мицкоски истакна дека ќе и предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се останато да биде блокирано во Собранието преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.
Според Мицкоски, инсталациите на СДСМ и Спасовски, најсреќни би биле доколку ВМРО ДПМНЕ реши да го напушти Парламентот и да го блокира. Тогаш би поминало буквално се и никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија, а дефинитивно не е во ред ниту на полето на економијата, ниту во здравството, нити во образованието, посочи Мицкоски.
Нагласи дека не се сите исти и дека мора да бидат „внимателни, мудри и трпеливи и секој чекор што го прават да биде многу сериозно осмислен и да бидат антиципирани ризиците со недели однапред“.
Тој ги повика останатите политички партии кои не се задоволни од тоа што се случува во земјава и имаат неисполнети ветувања и неостварени очекувања, вклучително и помалите партии кои се во Владата да застанат зад, како што рече, општествениот пркос против Владата и да излезат надвор бидејќи е очигледно оти немаат намера да го исполнат нивното основно барање поради кое се во власта.
-Побарав општествена поддршка која подразбира и партиска, но и непартиска поддршка зашто од нашите активности на терен ја слушаме потребата на граѓаните за промени. Дефинитивно, граѓаните од нас очекуваат да промениме на подобро, додаде Мицкоски и истакна дека на земјава и се потребни предвремени парламентарни избори за да се променат работите на подобро
Со соопштение на изјавата на Мицкоски се јавија од СДСМ. Од таму велат дека деструктивноста на Христијан Мицкоски не познава граници, особено кога се во прашање неговиот личен и партискиот интерес.
Во услови на криза кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира. Очигледно решил по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски. Или токму ова е насоката на Груевски којашто ја спроведува, велат од СДСМ.
Од владејачката партија посочуваат дека Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието.
Ништо друго и не се очекуваше од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие продолжуваат во ист стил, со иста цел – блокада на државата, нагласуваат од СДСМ. Мицкоски не го блокира ниту СДСМ ниту Владата, туку на тој начин ги блокира решенијата за подобар живот на граѓаните.
СДСМ останува отворен за сите добронамерни конструктивни предлози, но ги осудува сите обиди за блокади и вештачки кризи заради лични и партиски интереси, во време кога се води секојдневна борба против последиците од кризита и за заштита на стандардот на граѓаните.
СДСМ е одговорна партија и по секоја цена со сите, разумни општествени партнери ќе ги надмине блокадите на Мицкоски и криминалната ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.
М.Д.