Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ги изборите во Бугарија, истакна дека се надева дека во соседната државата ќе се формира влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на земјата во ЕУ.
Очекува Влада од најмалку три партнери, а за победата на партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, повтори дека тие се од исто семејство, односно од Европската народна партија.
-Очекувам влада која што ќе има најмалку три партнери. Бројките варираат 67 или 70 пратеника има коалицијата ГЕРБ – СДС, исто така тука е коалицијата Демократска Бугарија и Промените продолжуваат која што очекувам да има меѓу 44 и 47, така што во суштина без тие две не може да се направи влада. Е сега ќе видиме како таму ќе се развиваат работите. Се надевам дека ќе има влада, дека ќе нема осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме нашиот пат, патот на Македонија кон ЕУ, изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани, пренесе МИА.