Креативната работилница „Заеднички против насилството “ што ЦИВИЛ ја одржа во Велес во соработка со Општина Велес, СВР Велес и основните и средните училишта помина во одлична атмосфера каде до израз дојдоа умешноста и генијалните идеи на младите велешани во борбата против насилството.
„Екстремизмот што се јавува во нашето општество треба да се искорени уште на самите негови почетоци. Тие почетоци се токму во воспитно образовниот систем и затоа е потребно сите работници вклучени во овој процес заедно со локалната заедница активно да бидеме вклучени во спречување односно превенција од насилниот екстремизам. Неопходно е да имаме безбедна средина за живеење на локално ниво преку запознавање на локалните проблеми и градење на заеднички локални стратегии“, изјави Верица Тодоровска Дацева, раководителка на Одделение за јавни набавки во Општина Велес.
Таа зборуваше во име на градоначалникот Аце Коцевски и Општината истовремено заблагодарувајќи се на ЦИВИЛ и на сите останати учесници во проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“.
Командирот на ПС ОН Велес, СВР Велес, Орце Коцевски, изрази благодарност за можноста да биде дел од проектните активности на ЦИВИЛ и ја креативната умешност на ученичките и учениците од Велес, заеднички да се борат против насилството.
„Ова не е крај на нашите активности, тие допрва треба да почнат. Со малку труд, време и простор можат да се организираат вакви настани во вашите училишта и се разбира, барем од она што јас го знам и во комуникацијата, соработката и средби со претставниците на полицијата. Знам дека тие секогаш ќе бидат многу добро расположени да дојдат и да работат и разговараат со вас за тоа што претставува безбедноста“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
На работилницата учествува на повеќе од 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Велес кои заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сето она што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Работилницата се одржа во ОУД „Лазар Лазаревски“, а беше проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Велес.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
Б. Јордановска