Џабир Дерала
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска презентираше амбициозен отчет за нејзината двегодишна работа, во кој наслика портрет на образовен систем кој излегува од „катаклизма“ и чекори кон европска модернизација. Бројките на хартија звучат импресивно: 70 милиони евра во инфраструктура, 20-процентен раст на платите и зголемена инклузија.
Но ако се анализира прес-конференцијата на министерката Јаневска, може да се заклучи дека јавноста, всушност, слушна една серија фрапантни изјави кои откриваат крајно проблематична визија за иднината на децата, како и значителен јаз меѓу статистиката на МОН и секојдневната реалност во македонските училишта и факултети.
„Децата не мора да знаат сè“ – што е спорно во оваа „образовна филозофија“ на Јаневска
Една од контроверзните изјави на прес-конференцијата, зборувајќи за улогата на наставниците, министерката Јаневска го даде примерот со Пелагонија:
„Ако Пелагонија е еден од столбовите на земјоделието… тогаш децата и не мора да знаат сè. Тука се наставниците да им покажат како во иднина тие можат да го модернизираат земјоделието.“
Оваа изјава е алармантна. Во 21-от век, кога образовните системи се стремат кон создавање критички мислители и поливалентни кадри, првиот човек на образованието ја промовира идејата дека децата од одредени региони „не мора да знаат сè“ и треба да се канализираат кон локалните гранки (како земјоделието), бидејќи „не очекуваме сите родители тоа да го можат“. Тоа е понижувачки. Образованието не смее да биде алатка за ограничување на амбициите на децата само на границите на нивниот роден крај, туку прозорец кон светот.
Математичкиот парадокс: 17.000 ученици помалку, но нула отпуштања
Платите се зголемени за над 20%, постигнат е договор со СОНК за континуиран раст, а при оптимизацијата на училишната мрежа, ниту еден наставник нема да биде отпуштен, рече министерката. Но притоа кажа дека во последните седум години бројот на ученици е намален за 17 илјади.
Признанието за 17.000 „исчезнати“ ученици од системот е трагичен показател за демографскиот колапс и иселувањето.
Меѓутоа, ветувањето дека „никој нема да биде отпуштен“ е чист популизам.
Економски и системски е невозможно да се одржува ист број на вработени во систем кој изгубил десетици илјади корисници, а притоа да се зголемуваат платите и да се тврди дека мрежата се „оптимизира“. Целосно контрадикторно. Единствено што може да се очекува од ова очигледно купување социјален мир ќе бидат полупразни паралелки и гломазен буџет кој се троши на плати, наместо на реална модернизација на наставата.
Инфраструктура: „Деблокади“ на хартија наспроти реални градби
Министерката тврди дека се реализирани над 90 проекти вредни околу 70 милиони евра, вклучувајќи реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, како и деблокада на изградбата на објектот на ФИНКИ.
Реконструкцијата на државните студентски домови е проект кој со години се префрла од една на друга влада. Овие зафати примарно се финансираат преку наменски странски кредити (како оние од германската КфВ банка (Kreditanstalt für Wiederaufbau – KfW), а темпото на изведба на терен традиционално доцни зад роковите најавени на прес-конференциите.
Што се однесува до ФИНКИ, терминот „деблокада“ претставува административен исчекор, но студентите сè уште слушаат настава во позајмени простории додека карабината на новиот објект и понатаму пропаѓа.
Инклузија на хартија, во реалноста – системска етничка сегрегација
Инклузијата е приоритет, со ангажирање на 1.500 образовни асистенти во основните и средните училишта за создавање порамноправен пристап до образованието.
Бројката на асистенти е позитивен чекор за децата со попреченост, но МОН целосно го игнорира најголемиот „слон во собата“, а тоа е системската етничка сегрегација. Во десетици основни и средни училишта низ државата, учениците од различна етничка припадност (најчесто Македонци и Албанци) учат под ист покрив, но се физички разделени во различни смени или одвоени влезови или објекти, без никаква меѓусебна интеракција.
Дополнително, повеќе извештаи алармираат за целосна гетоизација на децата Роми. Тие често се сместуваат во чисто етнички паралелки, поради бојкот од другите родители при реонизацијата. Уште пострашно, според тие извештаи, постојат крајно неприфатливи случаи кога децата од ромската заедница неосновано се препраќаат во специјални училишта. Затоа, не може да се говори за инклузија кога е воспоставен систем во кој училиштата функционираат како поделени етнички светови.
Студентски стандард: Стаорци, студени тушеви и неисплатени стипендии
Според министерката за образование, студентскиот стандард се подобрува преку нови законски решенија, проширување на субвенционираниот оброк, нови стипендии и системска предност при вработување за најдобрите студенти.
Зад фасадата на статистиката за „подобрен студентски стандард“ се крие брутална реалност која укажува на системска државна негрижа. Неодамнешните скандали низ студентските домови открија катастрофални, нехумани услови за живот: присуство на стаорци во собите, студенти кои со недели се капат со ладна вода, нефункционални лифтови и масовно доцнење на исплатата на студентските стипендии.


Правосудниот испит: Образовно право претворено во политичка колатерала
Скопските улици изминативе месеци сведочеа за уште еден горлив проблем кој МОН целосно го игнорира во своите отчети, третирајќи го исклучиво како проблем на Министерството за правда. Соочени со институционална бариера која директно удира врз нивниот образовен труд, Албанците студенти по право од Тетово и Скопје протестираа против кршењето на нивното право да полагаат испит на својот мајчин јазик.


Токму на оваа системска шизофренија неодамна предупреди и проф. д-р Љубомир Фрчкоски во интервју за Нова, потенцирајќи дека „образовното право на Албанците не смее да стане политичка колатерала“.
Наместо дијалог и меѓуинституционално решавање на овој правен, но и образовен апсурд, Владата возврати со бирократски изговори дека испитот е „професионална проценка“. Овој игнорантски однос кон идните правници директно го демантира владиниот наратив за задржување на младите таленти во државата. Истовремено, ситуацијата се комплицира со видливите обиди за политичка инструментализација. Додека студентите бараат основни образовни и јазични права, одредени политички актери се обидуваат да го киднапираат нивниот револт за ситни партиски поени, претворајќи ги студентите во обична монета за поткусурување. А министерката Јаневска нема став по тоа прашање.
Дигитализација: Вештачка интелигенција во училишта без основна хигиена
Министерката се пофали дека се опремени дури 160 училишта со ИТ опрема и дека над 1.000 наставници се обучени за примена на вештачка интелигенција.
Во држава каде што, според меѓународните ПИСА тестирања, учениците континуирано бележат поразителни резултати во основна јазична и математичка писменост, фокусот на вештачка интелигенција делува како скок преку неколку суштински образовни скалила.
Реалноста на терен е дека, додека министерката зборува за вештачка интелигенција, самите ученици се сè уште многу далеку од тоа да бидат соодветно снабдени со ИТ опрема. Дополнително, тие се принудени да учат од стари, неревидирани и неажурирани учебници кои не одговараат на современите образовни потреби.
Овие владини „стратешки обуки“ се случуваат во систем каде што во руралните, а и во училиштата во урбаните средини, сè уште има сериозни проблеми со затоплувањето, а многу од нив се соочуваат и со сериозни санитарни проблеми. Едноставно, не може да се гради дигитална иднина во објекти кои немаат основна хигиена и каде што се предава од учебници кои одамна се за во архива.
Пи-ар и бројки без суштина
Двегодишниот отчет на министерката покажува само дека е вложен труд да се употребат бројки без суштина.
Јавноста веројатно треба да биде одушевена и од ветувањето дека сите учебници ќе стигнат на 1 септември.
Реалноста е сосема поинаква од тоа што сака да ни го „спакува“ власта. Министерката Јаневска е на врвот на систем кој ги занемарува основните стандарди, се „вози“ по инерција и не се осовременува вистински, ги сегрегира учениците по етничка линија, не ги почитува законските права на студентите, а ги насочува својата иднина да не ја бараат надвор од границите на земјата – како некој да ќе ги послуша.
Ова е раскантан образовен систем кој промовира идеја дека „децата не мора да знаат сè“.
Со вакви ставови, образованието во Северна Македонија не само што не излегува од катаклизма, туку тоне. Најмалку што може да се каже е дека тоне во просечност, но и тоа е премногу позитивна оценка.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот.














