ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ги осудува институциите одговорни за недозволивата состојба во студентските домови, каде што студентите се принудени да живеат во услови што го понижуваат нивното човечко достоинство и ги загрозуваат нивното здравје и безбедност. Појавата на стаорци, недостигот на топла вода, нефункционалните лифтови, доцнењето на стипендиите и неодговорниот однос на институциите не се изолирани инциденти, туку јасен показател за системска негрижа кон младите.
Студентскиот стандард не е споредна ставка во буџетот, ниту простор за политички калкулации и административни изговори. Тој е директна инвестиција во иднината на земјата. Секоја одлука со која се кратат средства, се одложуваат реконструкции или се игнорираат предупредувањата на студентите, претставува удар врз правото на достоинствено образование и живот.
Во услови кога сѐ повеќе млади луѓе ја планираат својата иднина надвор од земјата, ваквиот однос на институциите испраќа поразителна порака: дека државата не успева да им обезбеди ни минимум достоинство на оние од кои утре очекува знаење, работа, развој и лојалност.
ЦИВИЛ бара итна и јавна реакција од надлежните институции, конкретни рокови за санација на состојбите во студентските домови, навремена исплата на студентските стипендии и целосна одговорност за пропустите. Доколку надлежните институции не можат веднаш да обезбедат безбедни, хигиенски и достоинствени услови за живот во студентските домови, студентите мора привремено да бидат сместени на државен трошок во соодветни хотелски или други сместувачки капацитети, сѐ додека не се санираат состојбите во домовите.
Студентите не смеат да бидат оставени сами да се борат со стаорци, студени тушеви, нефункционални лифтови и институционална рамнодушност.
ЦИВИЛ – Центар за слобода










































