• Latest

ЦИВИЛ: Глорификацијата на Ратко Младиќ е напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок

August 30, 2026
Избирачко место во Исланд (фото извор: скриншот од видео на социјалните мрежи)

Исланд го отфрли враќањето на преговорите со ЕУ, „не“ води со 52,5 отсто наспроти 47,5 отсто „за“

August 30, 2026
Кијивска област, 29 август 2026 (извор: ДСНС)

Руски терор врз Украина: Најмалку 37 загинати и голем број ранети во Кијивска област, 30 часа непрекинат напад врз цивилите

August 29, 2026
Седиште на ВМРО-ДПМНЕ (фото Б. Јордановска/ЦИВИЛ)

До каде се реакциите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за четничкото дивеење на ДПСМ – или – колку е голема бруката?

August 29, 2026
Рејкјавик (фото извор: hiticeland.com)

Исланд на референдум за обнова на преговорите за членство во ЕУ – што е исто, а што различно од Западен Балкан?

August 29, 2026

Почна втората сезона на Eyes on Democracy: Украина и иднината на Европа (ВИДЕО)

August 28, 2026

СДА Македонија со остра осуда на величењето на воениот злосторник: Дали партнерите на ДПСМ во власта ја делат истата глорификација на воените злосторства на Ратко Младиќ!?

August 28, 2026

Генералот кој умре и продолжува да живее

August 28, 2026
Злосторникот и соучесниците

Смртта на Ратко Младиќ: Крај за еден воен злосторник, но не и за негирањето на вистината

August 28, 2026
Војо Маневски (фото: ЦИВИЛ)

Статистиката не е економска политика, гласање ќе има, ама ќе нема избирање

August 28, 2026

ГРАЃАНСКИ ФОРУМ: Ние прашуваме, тие бегаат од одговори – која е вашата порака до политичарите денеска?

August 28, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ГРАЃАНСКА АКЦИЈА СООПШТЕНИЈА

ЦИВИЛ: Глорификацијата на Ратко Младиќ е напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок

ЦИВИЛ бара итна политичка и институционална одговорност во Северна Македонија, конкретни европски мерки против негирањето на геноцидот и заштита на независните медиуми, граѓанското општество, независните интелектуалци и бранителите на човековите права во регионот

August 30, 2026 09:53
in ВЕСТИ, ГОВОР НА ОМРАЗА, ЕВРОПСКА УНИЈА, ПОЛИТИКА, ПРОПАГАНДА, РЕГИОН, СООПШТЕНИЈА, ТОП 5, ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Share on FacebookShare on Twitter

СООПШТЕНИЕ, 30 август 2026

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја изразува својата најостра осуда на сите форми на негирање, релативизирање, минимизирање и оправдување на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства за кои Ратко Младиќ беше правосилно осуден. Најостро го осудуваме и неговото претставување како херој, заштитник или жртва, како и намерното премолчување на судски утврдените факти во дел од медиумските и политичките реакции по неговата смрт.

Ратко Младиќ не почина како „легендарен генерал“, туку како правосилно осуден воен злосторник, издржувајќи доживотна затворска казна за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина. Неговата смрт не ги брише злосторствата, не ја менува пресудата и не ја намалува болката на жртвите, преживеаните и нивните семејства.

Нашите мисли и нашата солидарност им припаѓаат ним.

Не постојат „две вистини“ за геноцидот. Постојат правосилни пресуди, докажани факти, масовни гробници и илјадници семејства кои повеќе од три децении живеат со последиците од злосторствата.

Премолчувањето на злосторствата не е неутрално новинарство

ЦИВИЛ најостро го осудува начинот на кој дел од медиумите во Северна Македонија и регионот ја пренесоа веста за смртта на Младиќ, со изоставување или маргинализирање на геноцидот, злосторствата против човештвото, крвавата опсада на Сараево и теророт врз цивилното население, како и на неговата правосилна пресуда.

ЦИВИЛ не го оспорува правото на редакциски избор. Меѓутоа, кога од биографијата на еден правосилно осуден воен злосторник систематски се отстрануваат неговите злосторства и жртви, а се задржуваат чиновите, униформата, воената кариера и националистичките митови, тоа повеќе не е обичен пропуст, туку намерно креирана информациска празнина. Тоа претставува опасно историско и политичко разубавување на злосторството и соучесништво со злосторникот.

Некритичкото пренесување на пропагандните пораки од Белград и Москва, без судските факти и без гласот на жртвите, придонесува за нормализирање на ревизионизмот и националистичките политики што го доведоа регионот до војна, етничко чистење и геноцид. Со тоа, врз жртвите и преживеаните се врши ново, симболично насилство: злосторството се извршува уште еднаш, овојпат врз вистината, сеќавањето и човечкото достоинство.

Владин функционер и владејачка партија не смеат да величаат воен злосторник

Особено загрижувачки и крајно неприфатливи се објавите на Демократската партија на Србите во Македонија – ДПСМ, чиј претседател Иван Стоиљковиќ е министер во Владата на Северна Македонија, како и објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.

ДПСМ го претстави Младиќ во позитивен и херојски контекст, како генерал што му служел на својот народ и кого „историјата ќе го памети“. Китановиќ отиде уште подалеку, објавувајќи фотомонтажа во која Младиќ, заедно со четничкиот командант Дража Михајловиќ и други личности, е претставен како еден од „генералите на небеската војска“.

Овие објави не можат да се сведат на приватни мислења на маргинални поединци. Станува збор за партија што е дел од владејачката коалиција, предводена од министер, и за директор на државна институција чија основна задача е остварување и заштита на правата на заедниците.

Иван Стоиљковиќ сноси политичка, правна и институционална одговорност за јавното дејствување на партијата со која раководи. Далибор Китановиќ сноси лична, правна и институционална одговорност за својата објава.

Повлекувањето или бришењето на објавите не ја поништува одговорноста. Глорификацијата не престанува да биде глорификација откако ќе биде избришана од социјалните мрежи.

Одговорот на Владата е задоцнет, селективен и недоволен

Досегашниот одговор, пренесен преку одделни медиуми како став на Владата, со кој објавата на Китановиќ се оценува како неприфатлива и од него се бара да ја повлече или да се повлече од функцијата, претставува само делумно оградување. Тоа не е доволно.

Одговорот не ја опфаќа објавата на ДПСМ, не ја утврдува политичката и правната одговорност на министерот Иван Стоиљковиќ и не содржи формална одлука или конкретна институционална последица. Уште понеприфатливо е оставањето можност Китановиќ да остане на функцијата доколку едноставно ја повлече објавата. Тој не само што не може да остане на функција, туку треба да се соочи со законот.

ЦИВИЛ бара:

  • Владата на Северна Македонија, на формална седница, јавно и недвосмислено да го осуди величењето на Ратко Младиќ и негирањето, минимизирањето и оправдувањето на злосторствата за кои е осуден;
  • премиерот Христијан Мицкоски да покрене постапка за разрешување на Далибор Китановиќ, а надлежните институции и обвинителството да покренат постапки за негова законска одговорност;
  • да се утврди политичката и институционалната одговорност на министерот Иван Стоиљковиќ и да се покрене соодветна постапка за негово разрешување и законска одговорност;
  • ДПСМ да ја повлече спорната објава, јавно да се извини на жртвите и недвосмислено да ги признае правосилните меѓународни пресуди;
  • ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, како и сите други партнери во владејачката коалиција, своите јавни позиции да ги претворат во конкретни политички одлуки и да покажат дека за глорификација на воени злосторници нема место во Владата и дека ќе бидат одговорни чинители во заштитата на јавноста од овие грозоморни појави;
  • Јавното обвинителство да отвори предмет и да утврди дали објавите ги исполнуваат законските обележја за кривична одговорност според член 407-а од Кривичниот законик и другите релевантни прописи;
  • сите надлежни институции да постапат во рамките на своите овластувања, без политички калкулации и без селективност.

ЦИВИЛ ги бележи и ги поздравува јавните осуди што пристигнаа од повеќе политички партии, меѓу кои СДА Македонија, СДСМ, ВЛЕН, ДУИ и ЛДП. Сепак, партиските соопштенија не можат да ја заменат формалната одговорност на Владата и институциите.

Солидарност со демократските сили во Србија и регионот 

Осудата на злосторствата за кои Ратко Младиќ е правосилно осуден, како и на неговата глорификација, не претставува непријателство кон српскиот народ. Напротив, ова е израз на солидарност со демократските организации, независните медиуми, граѓанските иницијативи, интелектуалците и граѓаните во Србија и регионот кои се спротивставуваат на негирањето на геноцидот, величењето на воените злосторници и националистичките политики на омраза.

Мора да се запомни: претставувањето на еден правосилно осуден воен злосторник како херој и симбол на целиот српски народ е навреда за сите Србинки и Срби, особено за оние што со децении се спротивставуваат на национализмот, ги бранат судски утврдените факти и го чуваат достоинството на жртвите.

Ниту една политичка партија и ниту еден функционер нема право да ги злоупотребува етничките чувства и да зборува во име на цела заедница за да го оправдува или велича Младиќ.

ЦИВИЛ изразува солидарност со независните медиуми, граѓанските организации, интелектуалците и граѓаните во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и целиот регион кои доследно ги бранат вистината, правдата и достоинството на жртвите.

НЕПРИФАТЛИВО: Белград го претвори злосторникот во жртва, Москва ја нападна меѓународната правда

ЦИВИЛ најостро го осудува доминантниот политички наратив на официјален Белград, во кој Младиќ се претставува како жртва, додека меѓународните судови и Западот се прикажуваат како негови прогонувачи.

Изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој го обвини судот на Обединетите нации за „нецивилизирано“ однесување и порача дека сакале Младиќ да почине во затвор, го поместуваат фокусот од жртвите и злосторствата кон наводното страдање на осудениот злосторник. Најавите за државни и воени почести, доколку бидат реализирани, би претставувале директна институционална глорификација на човек осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Таквата политика не им служи на граѓаните на Србија. Таа им служи на авторитарните и националистичките структури кои со децении ги користат војните, жртвите и историските трауми за одржување на политичката моќ и создавање нови поделби во регионот.

ЦИВИЛ најостро ја осудува и позицијата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, кое изрази „најдлабоко сочувство“ и го опиша судскиот третман на Младиќ како доказ за „антисрпска пристрасност“ и двојни стандарди.

Ова е продолжение на долгогодишната политика на Москва за инструментализирање на историските трауми, поттикнување национализам и поткопување на меѓународното право, демократските институции и европската перспектива на Западен Балкан.

Европските институции мора да произведат конкретни мерки

Европската комисија веќе порача дека величењето на воените злосторници е спротивно на најосновните европски вредности и дека за него нема место ниту во Европската Унија, ниту во земјите кандидатки. Тој став мора да биде преточен во конкретна политика.

ЦИВИЛ ги повикува Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и демократските влади:
  • да ги регистрираат и јавно да ги осудат случаите на негирање геноцид и глорификација на воени злосторници во официјалните извештаи и процесите за европска интеграција;
  • да ја условат финансиската и политичката поддршка со доследно почитување на меѓународното право, правосилните пресуди и демократските вредности;
  • да донесат одлуки за суспендирање или пренасочување на финансиската помош што ја користат влади, државни институции, политички структури и функционери кои промовираат или толерираат негирање на геноцидот и глорификација на осудени воени злосторници;
  • да разгледаат конкретни политички и финансиски мерки против одговорните функционери и институции во случаите на тешко или повторено прекршување на овие принципи;
  • истовремено да ја заштитат и значително да ја зголемат директната поддршка за независните медиуми, граѓанските организации, здруженијата на жртвите, образовните институции, независните интелектуалци и бранителите на човековите права во регионот кои веќе подолго време се соочуваат со притисоци и закани.

Граѓаните и демократските сили не смеат да бидат казнети за постапките на авторитарните и националистичките елити. Затоа, секоја финансиска мерка мора да биде прецизна, пропорционална и придружена со поголема поддршка за оние што се борат против ревизионизмот и политиките на омраза.

Да се заштитат луѓето што ја бранат вистината

Независните новинари, граѓанските организации, интелектуалците и бранителите на човековите права кои му се спротивставуваат на национализмот денес се изложени на организирани кампањи за оцрнување, политичка и општествена изолација, говор на омраза, закани и директни притисоци.

ЦИВИЛ ја повикува меѓународната заедница да воспостави поефикасни и непосредни механизми за нивна финансиска, правна, физичка и дигитална заштита. Потребни се брза и флексибилна поддршка, правна помош, фондови за итни случаи и одржливост, регионални мрежи на солидарност и недвосмислена дипломатска поддршка.

Демократските гласови во целиот регион се меѓу првите цели на истите пропагандни и политички структури што го претставуваат Младиќ како херој. Нивната заштита е инвестиција во мирот, безбедноста и демократската иднина на целиот регион.

Повик до граѓанките и граѓаните

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да му се приклучат на јавниот отпор против историскиот ревизионизам, негирањето на геноцидот и националистичките политики на омраза.

Да не дозволиме осудени воени злосторници да бидат претставувани како херои во наше име.

Да ги проверуваме фактите, да не ја споделуваме пропагандата, да бараме правна и политичка одговорност за говорот на омраза, да ги поддржуваме независните медиуми и организациите што ја бранат вистината и да покажеме солидарност со жртвите и преживеаните.

Глорификацијата на воените злосторници е опасна политика. Таа го нормализира насилството, ги понижува жртвите и ја подготвува јавноста за нови поделби и конфликти.

Нема помирување без правда.
Нема правда без одговорност.
Нема одговорност без вистина.
Нема европска иднина со величење на осудени воени злосторници.

ЦИВИЛ – Центар за слобода
Скопје, 30 август 2026 година

 


Неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ