„Бори се женски“ со поддршка од UN Women и Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Скопје, утре (среда, 15 февруари) со почеток во 13 часот, во „Јавна соба“, го организира настанот „Мене не ми е Валентин“, чија цел е критички да се преиспита значењето на романтичната љубов, како и претставувањето на „женските улоги“ во медиумите.
Директен повод за настанот е 14-ти Февруари, Свети Валентин, празникот на вљубените.
Организаторите предупредуваат дека со години митот за романтичната љубов, претставувана како едно од најголемите достигнувања во животот и како суштински показател за степенот на „реализираност“ на една жена, се провлекува низ медумите и наративите од нашето секојдневие, формирајќи ги нашите светогледи и насочувајќи ги очекувањата.
Како резултат на тоа, девојчињата и жените почнуваат да се доживуваат себеси како украсен предмет што би требало да го дополни или потполни машкиот субјект, па се опседнуваат со постигнување на соодветниот изглед и однесување диктирани од масовните медиуми. Често се смета дека задоволството и статусот што доаѓаат со остварената романтична моногамна врска се доволни за да се истрпат навреди, понижувања, а понекогаш и суптилно затскриено насилство, предупредуваат организаторите.
„Нашата цел е да го разобличиме тој мит, да видиме од каде потекнува и кон што води. За таа цел, ќе анализираме кратки извадоци од книжевноста, филмот и медиумите“, велат од „Бори се женски“.