Денес кај фонтаната „Лорус“ во Градскиот парк минувачите можеа да видат герила уметничка инсталација, која цели да ја подигне свеста за одржување на приватноста на децата во онлајн сферата. Инсталацијата се состоеше од фигура од дете со балон на кој пишува „Моето детство е моја приказна“.
Инсталацијата, поставена денес по повод Светскиот ден на детето, е дело на уметникот Озбек Ајваз, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
„Акцијата испраќа силна порака: иако споделувањето на моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност. Истражувањата покажуваат дека фотографии и видеа, споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација. Според проценките, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување вакви содржини“, велат од ЦПИА.
Од организацијата апелираат родителите да бидат внимателни и информирани при споделувањето на фотографии и податоци за своите деца на социјалните мрежи.
Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот“, финансиран од Европската унија.
извор: МЕТА