Ова е историски ден за двете земји, но и за Европската унија и за Балканот, порача високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини по пристигнувањето во Отешево, јавува МИА.
– Многумина беа скептични за договорот, а двајцата премиери и министри за надворешни работи беа истрајни за да го постигнат. Двете страни нѐ направија горди, нас, европејците со вин-вин солуцијата што ја потпишаа. Се надевам дека ова ќе биде инспирација за многумина во регионот да преземат храбри чекори, како и за цела Европа. Овој договор им покажа на Европа и светот дека секој проблем може да се реши со дијалог и лидерство, изјави Могерини.
Најави дека ЕУ ќе ја следи имплементацијата на договорот, бидејќи, како што кажа, тој не е значаен само за двете земји, туку и за Европа и светот.
– Требаше многу време и многу пат за да стигнеме таму каде што сме денеска. Ова е историски ден и можност за граѓаните на Северна Македонија да добијат позитивни одговори за евроатлантските интеграции. На крајот од денот сите ќе видат дека договорот е добар компромис во кој сите добиваат по нешто, изјави еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.
Изјавата ја даде по потпишувањето на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство.