Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчера во Брисел оствари билатерална средба со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Федерика Могерини истакна дека останува цврсто на ставот дека Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за отпочнување на преговорите во периодот јуни – јули. Могерини во следната недела овој став ќе го пренесе на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
На средбата со Могерини, Пендаровски истакна дека граѓаните на РСМ, поради сè што е направено и заслужено, очекуваат државата да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тоа, посочи Пендаровски, ќе биде од значење и за стабилноста на регионот.
Пендаровски ги повика и лидерите на земјите-членки на Европската унија да ја зачуваат кредибилноста на проширувањето, врз основа на јасни и праведни критериуми за членство, во согласност со индивидуалните заслуги и постигнувања на секоја земја од регионот.