Откако исламот доживеал феноменална експанзија на Арапскиот Полуостров и откако идејата на оваа вера до темел ги прегазила сите поранешни глупави племенско-националистички традиции и обичаи на предисламските Арапи, кај болните души и разорени умови, кои никако не можеле да го прифатат фактот дека конечно завладеала хумана и позитивна идеологија, се родила умисла како да го уништат тоа што Пратеникот на исламот трпеливо го градел цели 23 години.


Како најделотворно се покажало изнаоѓањето на фантомски лик, истакнат со својата идиотска речитост, токму како политичарите и верските поглавари од овие наши простори, за да може да влијае на актуелните општествени случувања од тоа време. Се потрефил еден кретен за кого преданијата говорат дека бил грд, џуџест и со вознемирувачки глас кој потсетувал на комбинација од кикотење на хиена и ржење на волк. Се истакнувал со својата досетливост која му овозможувала со брзина на молња да измислува клевети и лаги кои празноглавците и газолижачите веднаш ги прифаќале, бидејќи биле во согласност со нивните подли идеи и намери.
Тој квази-човек се викал Мусејлеме а неговиот прекар бил Ел-Кезаб или Лажливецот. Се претставувал за Божји пратеник и смислувајќи поезија чии стихови биле сплотени во рима бидејќи сакал да го побие сето она што Бог му го објавил на Мухамед. Иако не успеал во неговата пеколна умисла, сепак успеал кај малоумниците заинтересирани за материјална добивка да предизвика восхитување за подоцна да го прифатат како сопствен духовен лидер. Поентата на овој увод е дека Мусејлеме со својата појава и вештина на манипулирање со празните глави, предизвикал војни од невидени размери после смртта на Мухамед. На илјадници убиени, пљачкосани, растерани и десеткувани луѓе кои штотуку излегле од милениумскиот геноцид на паганската идеологија.
Каде лежи тајната на “успехот“ на Мусејлеме Лажливецот? Многу едноставно, се појавил на јавната сцена откако новата верска заедница останала без својот водач па така итриот манијак, Мусејлеме, поитал да го искористи политичкиот вакуум внатре во муслиманската заедница и успеал да се наметне како авторитет кај оние лицемери кои со голема радост ја дочекале веста за смртта на Пратеникот на исламот бидејќи конечно биле убедени дека тука престанува авторитетот на верата и позитивното влијание кое таа го има во душите на граѓанството.
Во Македонијава ни, Северна, политичките демагози постојано ги злоупотребуваат верските заедници, со нивно одобрување, за да си овозможат подолг рок на траење затоа што се свесни дека верските говорници, од џамиите или црквите, се најдобар алат за контролирање на мирот т.е. умот на просечниот граѓанин кој ќе каже дека политичарите не се луѓе од доверба, но, кога верските поглавари ќе посведочат за “исправната“ политика на владејачките гарнитури, тогаш тука престанува секоја критика и барање на општествена правда. Одеднаш, политичките курви, длабоко заринкани само во сопствените интереси, стануваат великомаченици помазани со милоста на црквата или благословот на исламската заедница!! Колку ли само ужасно изгледа поддршката која црковните лица му ја даваа на движењето на ДПМНЕ за зачувување на ова или она, а веќе деновиве во јавност се пласираат информации дека на 27-ми април се подготвувала можна војна, реки крв, солзи и јад! Страшно.
Колку ли само бедно и јадно изгледа сликата на која поглаварот на исламската заедница ја доживува својата нирвана позирајќи во боите на едно знаме коешто е одраз на само неговото сопствено доживување и ништо повеќе. Среброљубие, драги мои!
Каква е таа будалаштина поглаварот на ИВЗ пред некое време, пред очите на целата македонска јавност да го благословува осведочениот криминалец и бегалец од правдата, Пајо Паторот, или како генијалниот Бранко Тричковски љуби да каже: шаткастото чудовиште Грујо, а од друга пак страна, да манифестира патриотизам т.е. постапка со која ги навредува сите муслимани кои не му припаѓаат на албанскиот етникум? (Нека се знае дека и јас сум Албанец). Што да им кажеме на сограѓаните христијани, атеисти, хуманисти, пацифисти на кои им говориме дека исламот не познава национални или расни граници!? За ваша информација, воопшто не постои оџа или исламски теолог којшто ќе се согласи со идејата за “доминантна нација“, но, молкот отсекогаш бил дел од културата на “мудроста“. Децениското владеење на диктаторите ширум светот е знак дека народот со кој се владее е “лук и вода“.
Од друга пак страна, ќе има и такви пушачи или “каурски патриоти“ на кои, овде кажаното ќе им легне како мелем на рана, но, да не се мамат себеси дека ова им оди на рака затоа што поглаварот на МПЦ беше осведочен поддржувач(?) на политиката “гасна комора за шиптари“ бидејќи ниту еднаш во јавноста не слушнавме дека МПЦ покренала иницијатива за спречување и осуда на таквите политики. Но, драги мои, истото ни го сервираше и овој нашиов т.е. поглаварот на ИВЗ и тоа без никаков пардон, или пак не беше тој туку некој друг затоа што не знаеме дали човекот воопшто е жив бидејќи никогаш не се појавува во џамија! Каде да го бараме?
Отсекогаш овде кај нас се форсира идејата дека оваа држава е секуларна и дека религијата не смее да се меша во функционирањето на истата, но, кога политичките “светци“ ќе ги инспирираат своите верски полтрони со “небеско вдахновение“, тогаш на сцена настапува потполната злоупотреба на верата и верските текстови кои, секако, ќе послужат за додатно сеење омраза и нетрпеливост помеѓу различните народи, народности, етникуми, заедници и некакви групи за кои сѐ уште се нема смислено соодветно име или квалификација.
Испадна дека Мусејлеме е сѐ уште жив, но, овој пат е облечен во одорите на светоста на ИВЗ. Ајде сега малку и јас да ставам сол на раната па да навредам и да кажам: не бе, вие христијаните си го имате Јуда Искариотски во МПЦ бидејќи цела деценија не дигна глас против “благословениот лидер“ кој духовниот мир си го пронајде во Будимпешта! Море чекај малку, ајде да ја провериме историјата, за секој случај, па да видиме да не се сретнале некаде овие двајца, мислам на Мусејлеме и Јуда, некаде во историјата. Можеби токму тие двајца се прво формирана коалиција на злото која со текот на времето еволуирала и толку добро се камуфлирала што луѓето почнале да веруваат дека спасението и духовниот мир може да се постигне само преку нив, а Богами, Македонија е добра почва која со добро ѓубриво (на српски: џубре) може да изроди сѐ и сешто!!
Живела Македонија!












