Мрежа за заштита на жените Ромки “Рамајана”, неформална група од Ромки активистки и граѓански организации, бараат итна акција за фемицидот врз Рамајана Асан.
На 3 мај 2025 година, 36-годишната Рамајана Асан беше убиена од нејзиниот партнер во нејзиниот дом во Шуто Оризари, во присуство на 5 годишната ќерка.
Според достапните информации, велат од Мрежата, жртвата претходно повеќепати пријавувала семејно насилство во присуство на сведоци, но институциите не постапиле согласно законските обврски вклучително и оние утврдени во Истанбулската конвенција и националното законодавство.
Мрежата за заштита на жените Ромки вчера упатила писмо до надлежните институции со барање за одговорност и итни мерки.
Барањата вклучуваат:
- Детална истрага за одговорноста на полицијата и социјалните служби;
- Квалификување на делото како фемицид врз основа на родово базирано насилство;
- Итно воспоставување на СОС линија и прифатилиште на ромски јазик;
- Транспарентна ревизија на полициските протоколи и обука за службениците за работа со ранливи заедници;
- Вклучување на ромски организации во креирањето на политики за родова еднаквост.
Убиството на Рамајана не е изолиран инцидент – тоа е дел од поширока појава на родово базирано насилство и институционална небрежност, што особено ги погодува ромските жени, кои секојдневно се соочуваат со повеќекратна дискриминација.
„Само во 2024 година, во Северна Македонија беа официјално регистрирани 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени. Истанбулската конвенција, како и домашното законодавство, обврзуваат на итна и проактивна институционална реакција – нешто што очигледно изостана“, велат од Мрежата.
Жените Ромки и граѓанските организации кои го упатија писмото ја повикуваа јавноста, медиумите и сите надлежни тела да ја препознаат тежината на овој фемицид и да преземат одговорност.
Здружени сме во заложбата никогаш повеќе ниту една да не биде игнорирана и да не заврши како последниот трагичен случај.
Писмото е упатено до Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, до Народниот правобранител Насер Зибери, министерот за социјални политики Фатмир Лимани, Лимко Бејзаровски, претседател на Комсијата против дискриминација и до јавниот обвинител Гаврил Бубевски.