Дехран Муратов од ЦИВИЛ на конференцијата „Перспективи 2019“ изјави дека претседателските избори ќе личат повеќе на некаков обид за попис на населението, а не избор на најсоодветната личност за институцијата претседател на држава, притоа повторно делејќи ги граѓаните по национална основа.
„За жал национализмот во последниот период забрзано расте“, вели Муратов.
Тој смета дека медиумите имаат голема одговорност за тоа во кој правец ќе оди државата. Но и дека има и здруженија на граѓани и граѓански организации, но и политичари коишто за жал придонесуваат кон овие проблеми.
„Мојот говор нема да биде пренесен никаде, но да беше сега Амди Бајрам на моето место сите ќе беа тука, затоа што тој е смешен и тој е „кока-кола“. Луѓе тој нема направено ништо за Ромите во Македонија! Имавме три пати промена на министер без ресор којшто е безгласен, и не знаеме како изгледа тој човек, кој треба да работи за состојбите со Ромите. Младите бегаат од државата затоа што квалитетен кадар не се вработува таму каде што треба, туку се вработуваат членови на семејствата на фукционерите. Па и со транспарентноста се претера! Доста ги гледаме нивните грешки!“, рече Муратов.
На конференцијата #Перспективи2019 воведни излагања имаа германскиот амбасадор Томас Герберих, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Александар Кржаловски (МЦМС), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Кочо Андоновски (Центар за поддршка на ЛГБТИ+) и Фатон Алити. Од ЦИВИЛ зборуваа Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
М. Ивановска
монатажа и фотографија: Биљана Јордановска