Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал при МВР, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово , денеска поднесе барања до надлежните основни судови за поведување на прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците Висар Ганиу и Биљал Касами.
За време на официјалната посета на косовската делегација на земјава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, Албин Курти, при организираниот пречек на 11 август, на улицата „Ферид Мурати“ во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од МВР,
– За време на манифестациите организирани по тој повод, не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по член 30 од истиот закон, се вели во соопштението.
Од МВР истакнуваат дека продолжуваат со потрага по лицето, „кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“.