На 10 декември потсетуваме на 10-от член од Универзалната декларација за човекови права: Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд кој ќе одлучи за неговите права и обврски и за основаноста на секое кривично обвинение против него.
Секој ден треба да биде ден на човекови права, да се бориме секој ден за тоа нашите соограѓан(к)и да бидат еднакви во општеството и пред законот, да не биде тоа за време на одреден месец или ден.
Судовите, судиите и сите правници треба да бидат независни и да работат во корист на своите граѓан(к)и! Тие се највисоките органи во едно општество и доколку тие бидат корумпирани, не треба да очекуваме нешто повеќе од друг сектор на општеството!
Секој граѓанин кој има потреба од праведно и јавно судење од независен суд – треба да го добие!
Ние секојдневно сме сведоци за тоа колку нашите соограѓан(к)и имале потешкотии со овие процеси, поради тоа што судиите биле „обоени“ или притиснати да судат за нечија друга и валкана чест!
ЦИВИЛ повикува да се одбележуваат сите денови во годината на сличен начин, односно секој прв ден од месецот да биде посветен на соодветен член во Универзалната декларација за човековите права и така со ред, до последниот Член 30 од Декларацијата.
Најмалку што може да се направи е секој ден да се споделува по некој член од овој меѓународен документ во статус на социјалните мрежи, но може да се пишуваат и есеи, пораки, колумни и информации за случаи на кршење на човековите права и слободи.
Во тек е ЦИВИЛ Фест, посветен на човековите права, каде свои воведни говори имаа активисти за човекови права и амбасадорот Самуел Жбогар, има и изложени фотографии од активностите на ЦИВИЛ, како во текот на годините се боревме и сè уште ќе се бориме за оние кои не се слушнати и заштитени во општеството, ќе има и многу музика, работилници, награди за граѓански новинари…
Да се бориме секој ден за сите нас и да бидеме конечно сите еднакви!