Назначувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателот Пендаровски, предизвика незадоволство и реакција од ДУИ.
„Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директор на Агенцијата за разузнавање нè вознемири сите и стави сенка на вчерашниот ден, кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби“, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи во улога на портпарол на ДУИ.
Османи вели дека, според информациите на ДУИ, одлуката Пендаровски „не била злонамерна“ и е донесена врз основа на недоволно информации.
„Меѓутоа ставот на ДУИ е дека додека не се расветлат до крај кумановските настани, ниту еден човек кој бил дел од службите на Иванов не треба да биде на чело на таквите сензитивни институции“, вели Османи.
Тој нагласи дека во следниов период ДУИ очекува претседателот „да собере повеќе информации“ и тоа да се рефлектира на неговата одлука, односно Пендаровски да го преиспита назначувањето на Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање.
Премиерот Зоран Заев изјави дека претседателот има право да назначи личност за којашто смета дека е најсоодветна за Директор на Агенцијата на разузнавање.
Заев рече дека претседателот понекогаш знае да ги консултира за некои прашања, меѓутоа според него, тие се негови надлежности и е право на претседателот кого ќе назначи за прв човек на Агенцијата за разузнавање.