пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Конечно двете партии се најдоа на иста платформа. И двете пред правосудните институции маршираат за правда. Минатата недела СДСМ, оваа ВМРО-ДПМНЕ.
Судството, правото, правдата, секако се клучот за опстојот на едно нормално општество. Тоа тематско поглавје, посебно со новата методологија што ја наметна се повлијателниот европјанин Макрон, станува репродуктивен процес подложен на постојана проверка. И на најпрецизно дефинирана законска регулатива и на теориски извонредно поставени судски институции, Европа постојано ќе го контролира правосудното функционирање.
Тоа е тежок, за нас мошне тежок испит и уште потежок пат. Но нема назад. Нема каде. Во сите варијанти патот е Унијата. Нашиве партиски јарци еден наспрема друг како на греда преку поток, во контра насока. За правда се рогатат со идентични маршеви и митинзи, со бомби и петарди, со криминални етикети и со предизборни конфети. Во меѓувреме, децениски блокирана токму од марширантите, правдата уште си дреме некаде во темните правосудни лавиринти.
Уникатно е што и покрај сите заклетви пред граѓаните и после сите транзиции и премрежија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како најодговорни политички субјекти за функционирање на се`, на буквално се`во државата, не смогнаа барем малку свест и барем ронка заедничка политичка волја да му дозволат на правосудството професионално да си се спаструва. Ако целта им е иста, наместо на улица, наместо да маршитраат со непомирливи концепти, ќе беше понормално марширањето да го стават на маса. Да го сторат тоа заедно, онака политички одговорно.
Кому сега од скопските сокаци ги праќаат пораките. На судиите не. Тие не се на улица, туку во судниците. На обвинителите, исто така не. И тие не се таму. И адвокатите исто. За правосудството се пенат, а правосудството и натаму го остават да стенка под нивниот партиски јарем и да се дави во сопствените коруптивните баруштини.
Но еве идат избори со неизвесен епилог и се`е можно. Ако досега не обезбедија минимум цивилизациска меѓупартиска соработка и ако само продуцираат кавги, мошне е можно овојпат на тоа да ги принудат граѓаните. Да им го сторат тоа со изборен епилог. Со некакво партиско оро фатени сите во него. Можеби во своите стратегиски кабинети деновиве дури и еден Брисел креира некаква таква постизбирна партиско владина варијанта.
Рано е и во веќе зовриениот политички амбиент, ова наликува на фантастична приказна. Но, како течат работите, како и анкетите навестуваат, не е неможно да се создаде една ваква засега незамислива меѓупартиска комбинација како претпоставка со реформите да се тргне пореално и позабрзано. Да се проба без опозициски препреки и без партиски хирови.
Една ваква варијанта би можела да биде извесна. Се разбира, не со ова ДПМНЕ и неговите компромитирани режимски структури. И не со некои во СДСМ за кои не запафта метлата. Еден ваков постизборен дизајн е можен само со максимална волја на сите учесници во политичкиот живот. Со политичка култура која ќе надвисне над себичните теснопартиски лакомости. Со партиски лидери кои ќе имаат доблест на граѓаните да им манифестираат заедништво за напредок на нивната држава. Со план врз прецизно дефинирани задачи сите заедно да ја преместат земјава на побрзиот колосек за Европа.
Засега, предизборно, нашите партиски јунаци маршираат за правда. На иста патека ама во спротивна насока.
Сите права се задржани