Владата ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата. Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо.
„Уште една успешно извршена задача! Албанскиот јазик официјално и во полициските униформи! На денешната седница на Владата ја усвоивме измената на Уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во униформите на полициските служби согласно законот“, објави првиот вицепремир Артан Груби на својот Фејсбук профил.
Оваа Уредба влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.