Според ревидираниот Роковник за предвремените парламентарни избори, изборниот молк започнува на полноќ 12 јули, кога завршува и изборната кампања. Поради новонастаната ситуација со пандемијата од корона вирусот, изборниот молк ќе трае до среда, 21 часот, кога се затвораат гласачките места. Во текот на изборниот молк, на 13 јули гласаат лицата кои во моментот се напѓаат во самоизолација или државен карантин поради Ковид-19. На 14 јули, ден пред изобрите, гласаат болните и немоќни лица, лицата во казнено-поправните установи и притворите и внатрешно раселените лица.
За време на изборниот молк се известува за изборите и текот на гласањето, но престанува секој облик на платено политичко рекламирање или изборно медиумско претставување.
Според Изборниот законик, член 76-д при известувањето во деновите на изборниот молк, ќе се смета дека медиумите го прекршиле изборниот молк доколку емитуваат, односно објават: какви било информации, фотографии, аудио и аудио-визуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии, и од носители на функции во органите на власта.