Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина во понеделник наутро, на 24 ноември, ги ажурираше прелиминарните резултати од изборите за претседател на Република Српска, според кои разликата помеѓу победникот Синиша Каран од владејачката Алијанса на независни социјалдемократи (СНСД) и Бранко Блануша се намали, објавија регионални медиуми.
За Каран гласаа 217.324 гласачи, што е 50,30 проценти, додека кандидатот Бранко Блануша од опозициската Српска демократска партија (СДС) доби 208.955 гласови, или 48,37 проценти.
Разликата помеѓу двајцата кандидати моментално е само 8.369 гласови.
ЦИК на БиХ ги базира овие резултати на обработените 439.897 или 99,72 проценти од обработените гласачки ливчиња.
Од тој број, 7.862 гласачки ливчиња беа неважечки.
Опозициската Српска демократска партија (СДС) ги отфрли бројките на СНСД, тврдејќи дека има несовпаѓања од „неколку стотици гласови“ во корист на нејзиниот кандидат.
Вршителот на должноста претседател на СДС, Јовица Радуловиќ, изјави дека ќе почекаат на официјалните резултати, за кои најавија дека ќе поднесат жалба до Централната изборна комисија и до Судот на БиХ.
Предвремените избори во РС беа распишани откако на Милорад Додик му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска во август, откако беше законски осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит. Тој откупи една година затворска казна за околу 18.000 евра, но сепак му беше забрането да извршува јавни функции шест години.
Народното собрание на РС ја назначи долгогодишната советничка на Додик, Ана Тришиќ Бабиќ, за вршител на должноста претседател на ентитетот до изборот на нов претседател.
Иако Додик повика на бојкот на изборите, на крајот СНСД го номинираше Каран, кој е долгогодишен министер во Владата на Република Српска и правен советник на Додик. До неодамна, тој беше и на американската „црна листа“ со Додик.
Додик, кој по отстранувањето од функцијата претседател на РС продолжи да ја држи позицијата лидер на владејачката Унија на независни социјалдемократи (СНСД), ја прогласи победата на Каран уште во неделата околу 22 часот, но обединетиот опозициски блок предводен од Српската демократска партија (СДС) веднаш потоа изјави дека не ја признава бидејќи е убеден дека нивниот кандидат Блануша е победник.
Додик призна дека резултатите што ги постигна Каран биле под очекувањата бидејќи вкупниот број гласови што ги добил бил значително помал од оној на претседателскиот кандидат на СНСД од 2022 година, но смета дека е најважно тоа што на крајот обезбедил продолжување на неговите претходни политики.
„Сега имате двајца Додика наместо еден“, рече тој во неделата вечерта, алудирајќи на фактот дека Каран е негов лојален соработник кој безрезервно ги извршува наредбите на Додик.
Д. Т.












