По повикот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) до потрошувачите кои не добиле соодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија дека може да поднесат приговор до РКЕ, до комисијата пристигнати се над 50 индивидуални приговори во однос на квалитетот на греење од страна на потрошувачи за БЕГ.
Од комисијата информираат дека согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, прва инстанца каде потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од квалитетот на услугата се снабдувачите, од каде екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што должни се да изготват писмен извештај за фактичката состојба и истиот да го достават до потрошувачот, согласно пропишаните рокови во Правилникот за снабдување.
Доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, односно од писменото известување од снабдувачот за квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачот во втора инстанца може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено Комисија која работи на решавање на
приговорите на потрошувачите.
Поради енергетската криза, РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба по што бараме извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем
– рекламација од страна на потрошувачот.
РКЕ ја информира јавноста дека во порамнителните сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од Правилата за снабдување на ТЕ. Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот.
Во врса со ситуацијата со парното греење и реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во градот Скопје, со соопштение се јавија од компанијата „Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ која на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад. Од компанијата велат дека на никаков начин не се вклучени во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во градот Скопје и нема никакво влијание и контрола врз квалитетот на истата. Во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е „Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје“ (БЕГ).
Групацијата „БЕГ АД Скопје“ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во градот Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот Скопје со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град., информираат од таму.
-Сакаме да потенцираме дека во овој момент, „Адора Инженеринг“ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос. „Адора инженеринг“ во септември 2021 година ги купи од „Топлификација АД во стечај“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на „Адора инженеринг“ и со нив управува „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, фирма ќерка на групација „БЕГ АД Скопје“. До овој момент БЕГ нема партнерски однос за топланите со „Адора инженеринг“, иако законот е дециден дека купувањето на имот во стечај наметнува нови партнерски договори со новиот сопственик, „Адора инженеринг“.
Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за закуп на истите. „Адора инженеринг“ од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал, зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците, велат тие. „Адора инженеринг“ се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните, потенцираат од компанијата.
Во врска со зачестените информации во медиумите во однос на квалитетот на централното греење, се соопштение до јавноста реагираат од БЕГ, од каде истакуваат дека системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и испораката на топлинска енергија до потрошувачите е согласно Правилата за снабдување на топлинска енергија. Внатрешната температура кај потрошувачите се одржува на ниво од 20+1 оC и не се дозволува истата да падне под 20оC“.
Од БЕГ нагласуваат дека во периодот од 6-ти до 9-ти јануари 2022 во диспечерскиот центар на БЕГ Снабдување регистрирани се рекламации на потрошувачи од 204 објекти, од вкупно 2.700 објекти кои се приклучени на системот за централно греење со кој управува БЕГ. Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и истите се веднаш отстранети. Во останатите објекти од кои е рекламирано, извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20оC, односно испораката на топлина е во согласност со Правилата за снабдување. Само во еден објект измерена е внатрешна температура од 19,5 оC и во истиот е покачено нивото на испорака со цел да се постигнат пропишаните 20 оC.
„Ваквиот режим на испорака на топлинска енергија е оптимизиран, односно во споредба со претходниот период редуцирани се внатрешните температури на објектите кои претходно на барање на потрошувачите имаа повисоки температури од пропишаните. Во услови на енергетска криза и раст на цената на енергенсите, пазарната цена по која компанијата го купува приодниот гас е повеќе од 4 пати повисока од цената која е предвидена во тарифата. Групација БЕГ во моментов ги користи сите свои тековни средства за набавка на ограничени количини природен гас за неколку дневна испорака. Оттука произлезе неопходноста да се оптимизира режимот на испорака на топлинска енергија без притоа да се нарушат пропишаните критериуми, се со цел да се овозможи неопходното време надлежните институции да спроведат мерки за надминување на оваа енергетска криза, преку обезбедување на финансиски средства за набавка на природен гас и субвенционирање на домаќинствата приклучени на системот за централно греење. Дополнително во услови на енергетска криза апелираме сите да ја штедиме енергијата и да не се троши повеќе од пропишаното согласно европските стандарди и домашната регулатива“, се вели во соопштението до јавноста од БЕГ.