Како одговор на премиерот Зоран Заев, кој истакна дека и тој платил слична казна за фрлање боја врз зградите на институциите за време на Шарената револуција (2016 година), професорката Мирјана Најчевска, за ЦИВИЛ МЕДИА изјави дека точно е дека сите беа свесни за казната, но не дека таа ќе дојде од сегашната власт.
„Точно е дека ‘Прекршоците со фрлањето боја во времето на протестното движење ги правевме свесно, знаејќи ја цената на казната…’. Бевме спремни и на многу подрастични казни и малтретирање и понижување и лишување од слобода, од страна на режимот против кој се побунивме. Бевме спремни да бидеме казнети дури и за непостоечки дела. Ама во случај да не успее симнувањето од власт на режимот против кој се побунивме.
Она на што не бевме спремни, беше тоа дека новата власт само ќе ја замени старата и повикувајќи се на истите тие закони на старата власт и со истите зборови на старата власт и во истиот манир на старата власт ќе нѐ казни затоа што сме се побуниле против истата таа стара власт.
Тоа што Заев се поистоветува со таа власт е не само жално, туку и застрашувачко.
Во случајов, нема прекршок. Тоа е измишљотина на старата власт која започна со испраќање на прекршочни казни, како дел од политичкиот прогон со кој сакаше да ја задуши Шарената револуција.
Продолжувањето на испраќање на прекршочни пријави само значи дека продолжил и политичкиот прогон“ – вели Најчевска.
Во својата изјава, Зоран Заев изјави дека ќе се разговара со граѓаните за решенија што ќе ја сочуваат честа на граѓанскиот активизам.
Б. Ј.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста