пишува: Петрит Сарачини
Од сите лаги и дезинформации во националистичката хајка „Пола милион за Арачиново“, најлуда е таа дека тие пари се откуп за неодамна фатената марихуана.
Би сакал да поставам неколку логични прашања. Нели во Арачиново имаше масовна акција за која дозна цела јавност? Нели се заплени голема количина марихуана? Нели се апсеа луѓе? Нели сите медиуми за тоа известија, со камери на терен со сите нишани?
Може да ми каже некој зошто со пола милион и јавна одлука на Владата би се плаќала марихуаната што веќе се фати и заплени во полициска акција, без пари? Сме гледале по филмови, нели откуп се плаќа за некаква „размена“, каква размена има тука, кога предметот на „размена“ е веќе во раце на полицијата?
Пак ќе кажам, филмовиве не зборуваат ништо ниту за Арачиново, ниту за владата. Зборуваат за нивните сценаристи, сниматели, глумци, режисери, а богами и за вредностите на публиката која гладно голта вакви пропагандистички ремек-дела.