ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Дезинформациските наративи и теории на заговор за „поништување“, „исчезнување“, „уништување“, „разнебитување“, „етноцид“ и (идентитетски) „геноцид“ на македонскиот народ не се нешто ново во македонскиот медиумски простор. Ваквите теории на заговор периодично беа дисеминирани во кризни политички контексти од различни актери. Воскреснување на старо-новите дезинформациски наративи и теории на заговор за „етноцид“ и „геноцид“ врз македонскиот народ е забележливо и во контекст на предложените уставни измени во 2023 година, како услов за продолжување на преговорите со ЕУ.
Во оваа медиумска анализа ќе ја илустрираме сродноста и континуитетот на дезинформациските наративи и теории на заговор за „поништување“, „исчезнување“, „уништување“ или „разнебитување“, „етноцид“ и „геноцид“ на македонскиот народ по потпишувањето и спроведувањето на „Договорот од Преспа“ (2018), по усвојувањето на т.н. „француски предлог“ (2022), и во тековниот процес за уставни измени во 2023 година.
Ќе наведеме бројни медиумски примери како правните изрази „геноцид“ и „етноцид“ беа злоупотребувани за етно-националистичка и политичка мобилизација и во контекст на расправиите за уставни измени (слично како што беа злоупотребувани и во контекст на „Договорот од Преспа“ и „францускиот предлог“).
Дезинформации и теории на заговор за поништување и „геноцид врз македонскиот народ“ пред и по „Договорот од Преспа“
„Спорот за името“ со Грција беше максимално користeн за етно-националистичка и политичка мобилизација (особено по „грчкото вето“ во 2008 година) со злоупотреба на правните изрази „геноцид“ и „етноцид“. Радикалните националистички организации, како Светскиот македонски конгрес, уште тогаш обвинуваа за потенцијален „геноцид врз македонскиот народ“ со евентуална промена на „државното име Македонија“.[i] Провладината пропаганда тогаш заплашуваше со „разнебитување на македонскиот народ“ и „етноцид“ доколку опозицијата дојде на власт.[ii] Заплашувачките анти-западни наративи за „целосно уништување на македонскиот народ и држава“ и неосновани обвинувања за „геноцид“ беа пропагирани и за време на политичката криза 2015-2017.
Оттаму, воопшто не е изненадувачки што наративите за „геноцид“ воскреснаа по најавата за постигнување на конечно решение на „спорот за името“ со Грција во јуни 2018 година. Неколку дена пред потпишувањето на „Договорот од Преспа“, јавно реагираше групата проруски интелектуалци „Македонски манифест“, која со години водеше кампања „НЕ во ЕУ“[iii] и предупредуваше за „холокауст врз Македонците“, за „планот за наша идентитетска ликвидација“ и „планираниот идентитетски геноцид“ (на крајот од 2017 му упати и писмо премиерот на новата влада, Зоран Заев со порака „Ќе бидете одговорни за геноцид (етноцид) врз сопствениот народ“). „Македонски манифест“ во јуни 2018 експлицитно го обвини премиерот дека е „идентитетски убиец на Македонија и Македонците“ и дека врши „геноцид врз сопствениот народ“.[iv] Писателот и редовен колумнист на „Нова Македонија“ Ефтим Клетников, обвинуваше ем за „идентитетски геноцид“ („се прави погребување на идентитетот на еден народ“)[v], ем за „геноцид на македонскиот народ“.[vi] Во медиумски настапи Клетников правеше неосновани „библиски“ споредби помеѓу Македонците и Евреите,[vii] а во една подоцнежна колумна, го опиша „западниот идентитетски геноцид врз Македонците во Преспа 2018“ како „ништење на еден древен народ со неколкумилениумска длабока генеза, од Јафет најмалиот син на Ное по потопот па натаму…“.[viii]
Дезинформацискиот и потпалувачки наратив за „геноцид“ беше прифатен и од страна на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која на прес конференции обвинуваше за „срамниот геноцид“[ix] и драматично тврдеше дека „овој таканаречен договор е акт на чистење на цела нација, ова е пострашно од геноцид, ова е геноцид врз цела една нација – ова е етноцид“.[x] Потпалувачкиот наратив за „геноцид“ беше проследен со дезинформации во врска со „Договорот од Преспа“ (дека „именката Македонија ќе биде избришана во Уставот“, дека „се забранува секаква употреба на придавката македонска, македонско, македонски во сите форми од сите институции кои што имаат изданија и кои што добиваат пари од државата“) и со инсинуации за забрана на химната.[xi]
Дезинформациските наративи за „современ геноцид“ и „етнички геноцид на Македонскиот народ и бришење на сè што е македонско“[xii] беа зајакнати во кампањата „Бојкотирам“ пред Референдумот во 2018 година. Оваа кампања беше прилично активна и вирална на социјалните мрежи[xiii] со хаштазите „#Бојкотирам Уставни измени за бришење на Македонија и македонскиот народ од постоењето!“ и „#Бојкотирам #Геноцид“.[xiv]
Откако на 30 јули 2018 година Собранието донесе одлука за распишување консултативен референдум, над 30 проруски партии и здруженија повикаа на „Неизлегување и бојкот на референдумот, кој е геноциден проект врз македонскиот народ”.[xv] Како предводник на кампот „Македонија бојкотира“ беше проруската партија „Единствена Македонија“ (ребрендирана по урнек на Путиновата „Единствена Русија“), која уште во почетокот на 2018 предложи автопатот кон Грција да се нарекувал „геноцид“, наместо „пријателство“.[xvi] „Единствена Македонија“ повикуваше на „света борба на сите нас за опстанок на цел еден народ“, го обвинуваше НАТО како „геноцидна организација“, и се залагаше за стратешки сојуз со Русија кој „го обезбедува опстанокот и иднината на Македонија“, кои биле загрозени од „геноцидот што сакаат да го направат врз македонскиот народ“.[xvii] И проруските геополитичари се обидуваа да ги претстават уставните измени како геноциден процес („операција геноцид во живо“), а „преименувањето и бришењето на Македонија“ како „антибожји акт“ со кој му се помага на „Сатаната да воспостави антибожјо царство“.[xviii]
И претставници на Македонците во соседните земји[xix] и на дијаспората (во различни периоди) обвинуваа за геноцид врз македонскиот народ, „идентитетски, историски и културен геноцид на македонскиот народ“, „културен и антрополошки геноцид“, „геноцид врз една култура“, итн.
Иако таборот #Бојкотирам беше хетерогена група, дел од гласноговорниците за бојкот беа многу блиски со водството на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. На пример, претседателката на Комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ, Тања Каракамишева, која седеше до Мицкоски на лидерската средба за референдумот, на денот на референдумот агитираше „НЕ ГЛАСАМ и не одговарам на геноцидно прашање“, а подоцна јавно се залагаше за влез во Евроазиската унија, затоа што „тоа е иднината на светот“. И членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ агитираа дека за референдумот „ќе се гласа за Северна Македонија, за создавање нов, вештачки народ, за уништување на македонскиот народ“.[xx] И партиското гласило на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, „Македонска нација“ го прогласи референдумот за „геноциден“, тврдејќи дека со прифаќањето на промена на името Македонците „ќе ги снема од историската сцена“.[xxi]
Јавен притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да повика на бојкот на референдумот упати и великодостојникот на МПЦ, митрополитот Агантангел, кој верува дека „врз македонскиот народ, во последните сто години се врши планиран, континуиран и отворен геноцид“, и дека потпишувањето на договорот со грчката влада е „суптилен геноцид на еден народ“. Агатангел му упати експлицитна порака на Мицкоски – „повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ.“[xxii] Во 2019, Агатангел ја искористи дури и посетата на папата во Скопје, за да ги повтори обвинувањата за „тивок и специјален геноцид врз македонскиот народ“.[xxiii]
Дезинформации за „промена на името за македонскиот народ“ како „културен холокауст“ беа ширени и на „Централен Бојкотирам собир „Бојкотирам Северна, Секогаш Македонија!” – Скопје“. Организаторите „Млади за Македонија“ (кои се фалат како лансирачи на движењето „Бојкотирам“, и во својата платформа го отфрлаат „геноцидниот Преспански Договор“) правеа неосновани споредби помеѓу Македонците, Евреите и Мохиканците, ширејќи теории на заговор дека е загрозен опстанокот на Македонците како народ.[xxiv]
Постер од кампањата за бојкот на Референдумот во 2018 година, извор: Фб страница ВМРО
И по референдумот, ВМРО-ДПМНЕ продолжи со дискурсот за „етноцид врз македонскиот народ“, за „бришење на македонскиот идентитет“,[xxv] а и неговите раководни кадри јавно тврдеа дека „се случи и сеуште се случува економски колапс, етноцид и геноцид врз македонското население…“.[xxvi]
Слично како што проруските кампањи во 2015-2017 втеруваа страв од кантонизација, федерализација, поделби на земјата и нејзино разнебитување, кампањите во 2018 создаваа светоглед од перцепции дека Договорот од Преспа и референдумот води кон „самоуништување“, „самоубиство“, „самоукинување“, „исчезнување“, „разнебитување“, „етноцид“, „геноцид на македонскиот народ“, итн. Ваквите потпалувачки и поларизирачки наративи со дезинформации, кои вклучуваа имагинарни закани не само за македонскиот идентитет, туку и за македонскиот народ, според експертите за дезинформации на ЕУ, беа клучни за „подривање на учеството во референдумот за промена на името“.[xxvii]
И претседателот на државата Иванов ширеше дезинформации и теории на заговор за „правно укинување“ и „правно и историско поништување на Македонскиот народ“
Иако пред референдумот се ширеше медиумска фама дека и претседателот Иванов во обраќањето пред ОН, ќе го разобличел „Договорот од Преспа“ како „обид за геноцид на македонскиот народ“,[xxviii] во своето обраќање Иванов посочи само на „автоцензура на колективната свест на македонскиот народ“ и „правното укинување на македонскиот народ“.[xxix]
Откако на крајот на 2018 „Македонски манифест“ побара од Иванов да почне процедура во ОН за одбрана на името, со тврдење дека „се врши идентитетски геноцид врз македонскиот народ“,[xxx] Иванов во годишното обраќање во собранието предупреди на „правно и историско поништување на Македонскиот народ“.[xxxi] Наративите за „поништување на македонскиот народ“ беа пропагирани и од проруските партии, од новоформираната „Родина“ (која зборуваше и за „идентитетски геноцид врз македонскиот народ“) и од „Единствена Македонија“ која подоцна во писмо до Макрон го поздрави неопределувањето датум за преговори, реферирајќи на „националното поништување на македонскиот народ од марионетската власт во Скопје“.[xxxii]
Што се однесува до барањето на „Македонски Манифест“ до Иванов, гласноговорникот Ефтим Клетников, во едно интервју од 2020 ќе тврди дека „ние сме убиен народ“, а дека Русија инсистирала проблемот со името да биде пак поднесен во ОН. Според Клетников, Ѓорге Иванов не го сторил тоа, иако биле собрани граѓански потписи за таква иницијатива, по што гласноговорникот на „Македонски манифест“ го обвини за „велепредавство“.[xxxiii]
„Македонски манифест“ на крајот на 2021 испрати и писмо до Путин во кое ги повтори обвинувањата за „идентитетски геноцид“, образложувајќи дека „намерата со ликвидација на меморијата на Македонците“ била „да се ликвидира и нивната генеричка свест за братство со словенството, и посебно со Русија и Русите, на нивната љубов кон нив“. Во писмото, потпишано од повеќе интелектуалци и од Митрополит повардарски Агатангел на МПЦ-ОА, се укажува и на „крвната родствена врска меѓу Македонците и Русите“, на „нивната сијамска близначка врска“.[xxxiv]
Дезинформации и теории на заговор за „поништување“ и „геноцид врз македонскиот народ“ по „францускиот предлог“
Наративите со дезинформации, манипулации, заплашувања и теории на заговори за македонскиот народ и Македонците беа централен дел од опозициската кампања против „францускиот предлог“ и преговарачката рамка во летото 2022.
Најрадикалните проруски опозициски партии и политичари ги истакнуваа „бугарските услови за бришење на македонската нација“ (Единствена Македонија), драматизираа дека „главата му се сече на македонскиот народ во протоколот“ (Јакимовски од ГРОМ), а проруската партијата Левица на еден од протестите донесе гилотина со опис „француски предлог“. Пораката „Францускиот предлог е гилотина за македонскиот народ!“ беше промовирана и од кандидатката за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ и „Глас за Македонија“.[xxxv]
Проруската пропагандистка Мирка Велиновска, која по 27 април 2017 тврдеше дека „врз Македонците се врши етапен геноцид од божем цивилизираниот дел од светот“,[xxxvi] како гостинка на прорускиот канал „Родински разговори“, ги обвини „нецивилизираните Европјани“ дека се обидувале да извршат геноцид и да прогласат „жив народ за мртов“.
Дезинформациите дека со т.н. „француски предлог“ се врши „етноцид, културоцид“, па дури и „геноцид кон цел еден народ“ беа препознатлив белег од опозициската кампања против преговарачката рамка на ЕУ.[xxxvii] Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно го обвини премиерот Димитар Ковачевски за „економски геноцид“[xxxviii] и дека го „ништи македонскиот идентитет“,[xxxix] пратенички на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ширеа дезинформации дека „со францускиот предлог сведоци сме на страшен геноцид“,[xl] и теории на заговор дека „францускиот предлог“ ќе направел „геноцид врз македонскиот народ“[xli] и дека ќе сме си извршеле „етноцид“.
И интелектуалните гласноговорници против „францускиот предлог“ креваа јавна паника за „геноцид и етноцид“.[xlii] Поранешниот потпретседател на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ задолжен за евро-интеграции, Ивица Боцевски, при гостување во ТВ Алфа го искина „францускиот предлог“, а подоцна дезинформираше во колумна дека влезот во ЕУ „треба да биде платен со поништување на сè што е македонско и со бришење на Македонците од кругот на нациите и од друштвото на етникумите.“[xliii]
Злоупотреба на МАНУ за ширење на дезинформации и теории на заговор
Еден од главните генератори на дезинформации и теории на заговори за „Договорот од Преспа“ и „Францускиот предлог“ е претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, кој тврдеше дека „…со францускиот предлог, Владата на Македонија ќе посведочи дека во државата Македонија, во границите на денешна Македонија, нема Македонци“.“[xliv] Во една своја колумна, Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформираше и дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, изведувајќи погрешен заклучок од еден документ за упис на факултет.[xlv]
За време на кампањата против „францускиот предлог“ во 2022, Коцарев неосновано обвинуваше за „геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин“, наводно извршен со договорите со Грција и Бугарија, и ширеше теории на заговор дека „Македонците ќе исчезнат“ и дека немало да влезат во ЕУ.[xlvi]
Љупчо Коцарев продолжи да ја злоупотребува МАНУ и неговата функција како претседател и на денот на МАНУ во октомври 2022, ширејќи дезинформации и неосновани обвинувања дека „се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава“ и насекаде каде што живеат.[xlvii] Ивица Боцевски, во пропагандната колумна каде што го промовира Коцарев како единствен претседател на Македонија, го опишува како дел од „македонската интелигенција против културниот геноцид врз македонскиот народ и обидите за бришење на македонската државност“.[xlviii] Како претседател на МАНУ, Коцарев продолжи да шири дезинформации и неосновани аналогии дека Македонците биле на работ на истребување како и балканскиот рис.[xlix]
Може да се каже дека во февруари 2023, токму Коцарев ја започна кампањата против уставни измени на годишното собрание на МАНУ, кога дезинформираше дека на 17 јуни 2018 г. „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“.[l] Притоа, Коцарев тврдеше и дека договорите со Грција и со Бугарија „претставуваат културен геноцид на Македонците“, и предлагаше „во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст““ и „надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст“.[li] И покрај критиките за ненаучност[lii] и за „антибугарски ставови“, Коцарев продолжи да го користи изразот „македонски холокауст во кој се најде македонскиот народ денес“ и при комеморација во Париз за негов предок, при што ширеше и етно-националистички мит за „милениумска традиција“ на „македонското име, македонскиот јазик, македонската култура, македонскиот идентитет, македонската историја“.[liii] Иако изразот „македонски холокауст“ не е нов во македонската етно-националистичка литература, неговото воскреснување во контекст на „Преспанскиот договор, Тиранската платформа и Договорот со Бугарија“ е дело на путинистот Ефтим Клетников, во пропагандна функција на сатанизација[liv] и нацификација на Западот.[lv]
Кампањата против промена на уставот Коцарев ја продолжи со ширење на веќе познатите теории на заговор за исчезнување на Македонците во ЕУ. Во едно интервју, Коцарев како прво сценарио ја скицираше можноста Македонија во наредните дваесетина години да стане полноправна членка на ЕУ, но „притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат“. Според Коцарев, со прифаќање на бугарските и грчки барања во текот на преговорите со ЕУ, „македонскиот идентитет, Македонија и Македонците постепено ќе исчезнат како никогаш и да не постоеле“.[lvi]
Коцарев продолжи со обвинувањата за „културен геноцид“[lvii] и во контекст на уставните измени, обвинувајќи дека „културен геноцид“ се врши од „сите документи“ во кои од Македонците се бара „да се откажат од македонството“.[lviii] Наспроти обидите за релативизацијата на поимот идентитет (кои според Коцарев, се направени „со единствена цел да се разнебити, да се уништи и да се понижи македонскиот народ, неговиот идентитет и неговиот јазик“), претседателот на МАНУ во секоја своја колумна ги пропагира етно-националистичките митови за „милениумски континуитет на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонскиот народ“.
Дезинформации и теории на заговор за „поништување“, „етноцид“ и „геноцид врз македонскиот народ“ во контекст на уставните измени
Во пресрет на процесот на уставни измени, проруските пропагандисти од „Македонски манифест“ продолжија со кампањата против „идентитетскиот геноцид“ и „идентитетската ликвидација на македонскиот народ“, која требало да заврши со „бришење на името МПЦ – ОА.“[lix] Во почетокот на 2023 година, во гостување на ТВ Алфа, Клетников обвини дека владејачката партија со „нацифашистички капацитет“ го „ликвидира идентитетски, буквално го закла, му ја отсече колективната идентитетска глава“ на македонскиот народ, а Западот имал план за „бугаризирање“ на Македонците, „да нема воопшто Македонец“.
„Македонски манифест“ формираше и „морален суд“ во мај 2023 година, а неговите правници и обвинители јавно осудуваа за „идентитетски геноцид на Македонците“,[lx] меѓу другото и за „…геноцидната по Македонците предлог-рамка за договор со Бугарија на Емануел Макрон…“. Гласноговорникот Ефтим Клетников, кој заговараше формирање на морален суд уште во 2019 година,[lxi] по повод 15 години „Македонски манифест“, потсети дека „манифестот прв говореше и предупредуваше на опасноста од идентитетскиот геноцид“, „смислен од Брисел и Вашингтон“. Клетников на националната ТВ Алфа ја обвинуваше „геноцидната влада“ за „геноцидот во Македонија“, а во „Отворено писмо до Емануел Макрон“, го обвини дека бил вклучен во „идентитетскиот геноцид сега над Македонците од бриселска Европа“. Како продолжение на кампањата против уставни измени, Клетников пропагираше морбидни теории на заговор дека „сме новите Евреи (од Третиот рајх) и Индијанците на оваа цивилизација“ кои биле „одбрани за ништење“, заклучувајќи – „многу подобро БРИКС отколку ЕУ што нè убива идентитетски“. И еден од проруските членови на „Македонски манифест“ во своите колумни инсинуираше дека САД, ЕУ и НАТО се нервирале што не можеле да спроведат и физички геноцид, и пропагираше дека „ЕУ е ќорсокак“ и „единствена алтернатива е БРИКС“.[lxii] „Македонски манифест“ дури даде и јавна поддршка и на протестот против рудникот Иловица, со слоганот „Стоп за ништење на Mакедонија и Mакедонците“, тврдејќи дека и тој рудник е „дел од идентитетскиот геноциден план кој оваа ненародна власт веќе подолго време свесно или несвесно го спроведува.“
И весникот „Нова Македонија“ во 2023 година ја продолжи кампањата против „агресивната и етноцидна политика од страна на Софија кон македонскиот народ“, против „крајно геноцидни и етноцидни политики на земја-членка на ЕУ“. „Нова Македонија“ во своите анализи го зајакнуваше наративот за „културоцид или етноцид“, притоа прогласувајќи го Договорот со Бугарија за „етноциден или културоциден“, и обвинувајќи ја Европа како „соучесник во геноцидните и етноцидните политики на двете соседни земји“.
На Денот на независноста, „Нова Македонија“ објави интервју со претседателот на СМК Тодор Петров, во кое тој обвинуваше дека „врз македонскиот народ во сопствената држава Македонија е извршен геноцид од марионетска влада“ и „Македонија е под режим на фашизам, Македонците се под режим на геноцид!“.[lxiii] Претходно, во колумна во „Нова Македонија“ Тодор Петров обвинуваше за „велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува“, сугерирајќи смртна казна за такво дело.[lxiv]
И проруските партии, како Левица, обвинуваа дека „преку уставни измени се случува идентитетски геноцид на Македонците“ или „идентитетски геноцид на македонската нација“. Проруската партија Родина беше дел од анти-западната кампања против „родовата идеологија“,[lxv] и во првите редови на протестот на МПЦ со повик „Да излеземе во што поголем број и силно да покажеме дека нема да им помине културолошкиот геноцид и етноцид“. Во „вонредната“ партиска емисија, „Родова еднаквост или загрозување на се македонско: Род, Народ, Општество“, член на претседателството на Родина Македонија обвини дека Западот сакал да го убие не само семејството како клетка, туку и „сакаат да го убијат македонскиот организам и македонштината во целост“. Проруската партија „Единствена Македонија“, пак, излезе со „иницијатива за влез на Русите, Белорусите, Украинците, Чесите, Словаците, Полјаците и Словенците во македонскиот Устав“, со „научно“ образложение дека „Македонија е Мајка на сите словенски народи кои тргнале од Македонија“ и дека станува збор за народи „кои основата ја имаат во македонскиот народ“.
Лидерот на проруската партија ГРОМ Стевчо Јакимовски, во гостување на ТВ24 ширеше теорија на заговор дека целта на дел од соседите била да не постојат Македонците во уставот: „Целта на сите нив е, и на Бугари и на овие од Албанија и на Грци, во македонскиот устав да не постојат Македонците, ова да биде граѓанска држава, а да ги нема Македонците, тоа е целта на сите околу нас“. Во дебатни емисии на национална телевизија се ширеа и дезинформации дека со најавените уставни измени ќе нема македонски народ, а дека со вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе имало три конститутивни народи – „Албанци, Бугари и граѓани на Република Северна Македонија“.[lxvi]
Накусо, и во 2023 година продолжија да се шират дезинформации и теории на заговори за „геноцид и етноцид врз Македонскиот народ“ – главно од страна на проруски политичари, аналитичари, јавни личности, интелектуалци, колумнисти, па и од страна на етно-националистички здруженија на граѓани на културни настани. На пример, во покана за фестивалот на патриотски и родољубиви рефрени „Македонија 2023“ организиран од Здружението на граѓани „Македон“ за 2.08.2023, се споменува дека се врши „анти цивилизациски геноцид и етноцид врз македонскиот народ“, а фестивалот се легитимира како чин на одбрана на македонскиот идентитет, и од обидите за „уништување на Македонија и македонскиот народ“.[lxvii] И овој пример покажува како правните изрази „геноцид“ и „етноцид“ беа злоупотребувани за етно-националистичка мобилизација во контекст на расправиите за уставни измени.
Иако злоупотребата на изразите „геноцид“ и „етноцид“ не беше препознатлива во медиумските настапи на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ (како во 2022 година и претходно), и оваа партија продолжи со теории на заговори и ширење на дезинформации и медиумски манипулации во врска со македонскиот народ, македонскиот идентитет, и македонската држава (кои ќе бидат проследени во следните делови од оваа анализа на главните дезинформациски наративи во контекст на уставните измени 2023).
(продолжува: Теории на заговор за „бугаризација“ и дезинформации за македонскиот јазик во контекст на уставните измени).
Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА