Субверзивен фронт најавува набрзо отворање на првата Национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица во земјава.
Националната линија ќе биде отворена за ЛГБТИ+ лица од сите возрасти, нивните семејства, пријатели, но и стручни тимови од училиштата и центрите кои имаат контакт со ЛГБТИ лица, или млади кои се чувствуваат збунето во врска со нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
„Советувачите на линијата се стручни лица (психолози, социјални работници, психотерапевти..), кои обезбедуваат безбедна средина, во која пред сè ЛГБТИ лицата од целата територија на државата, ќе можат анонимно да добијат поддршка или советување. Лицата кои се јавуваат, можат да зборуваат за прашања или грижи поврзани со соопштување на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, релациски проблеми, депресивно расположение или вознемиреност, булинг на училиште, проблеми на работното место, дискриминација или доживеано насилство, позитивен ХИВ статус или прашања поврзани со безбеден секс, суицидни мисли, и т.н.“, велат од Субверзивен фронт.
Линијата ќе биде отворена со финансиска поддршка од заедничката програма на Европска Унија и Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 -2022“ и со поддршка од Министерството за труд и социјална политика.
А. П.