13 Декември беше многу специфичен ден за мене. Ова е период кога оние кои се занимаваат со организирање на улични настани, каков што сум и јас, прават презентации на проектите кои треба да се случат на лето следната година или евентуално на есен.
Со возот кој тргнува во 6:25 наутро од Скопје тргнав на пат за Гевгелија да правам презентација на „СТАТУАФЕСТ – Другото лице на улицата“. Во Гевгелија веќе еднаш бевме минатата година и сум порелаксиран при патувањето бидејќи теренот ми е целосно познат.
Некаде пред да стигнам во Гевгелија, околу 9:15ч. ми стигна смс порака од Елена Кичевска: „Вечер изложбата ‘Триста чуди’ почнува од 20ч. Се надевам ќе стигнеш. Ќе биде многу убаво. Ќе ми биде драго и да си ти таму. Поздрав Елена.“
Во Гевгелија завршив со сите обврски нешто пред 15ч. Седнав во мојот омилен ресторан на ручек, склопив неколку нови ракописи и во 16:55ч. се качив на возот кој тргнува од Гевгелија за Скопје.
Дома стигнав нешто по 20 часот. И Милена само што влезе. Таа беше во Белград на друга презентација. Брз туш и трк на изложба кај Елена. Искрен да бидам преморен бев. Цел ден по патишта. Инаку, состанокот во Гевгелија траеше малку подолго од вообичаеното, но, имаше убава и поента и иницијатива на крајот, а таа е да се случи развивање на фестивалот и тоа во поголем дел од тој регион на државата, односно во повеќе градови.
За тоа во некој друг текст. Ова само како најава го ставам тука, а и да ја напишам увертирата на денот кој полека се ближеше кон својот крај.
Изложбата на Елена која работи под арт името Херитиџ – (Наследство), а именувана како „Триста Чуди“, за што погоре напишав, веќе беше почната. Ние стигнавме нешто по 21ч. Се случуваше во центарот на Скопје во местото попознато и како „Јавна Соба“. На третиот кат. Изложеното беше оригинално. Беше навистина одлично. Искрено се надевам дека Кичевска ќе продолжи да се развива во уште поголем дизајн артист, а може и нешто сосем друго да сработи кога е во прашање ликовната уметност. Јас нема да и забележам ако видам и нешто друго од неа, напротив. Додека се поздравував со присутните кои ги познавав таму, а такви имаше поприлично, Милена, мојата сопруга, отиде да ја разгледува изложбата. „Ќе се врткам тука“ ми рече. Инаку, Милена е специфична повеќе и од најсложената специфика кога е во прашање модата, дизајнот, уметноста воопшто. Ме најде во гужвата и ми рече дека одлучила да си купи повеќе од три парчиња од изложеното.
Она што можам да го додадам во сето ова, односно на целата таа убавина која се случуваше во центарот на Скопје е дека на многу мал простор беа собрани прекрасни луѓе.
На кратко:
На влегувањето не’ пречека Елена, домаќинката која беше во друштво на познатиот драмски автор Дејан Дуковски, тука беше и Саша Павловиќ, кој потоа се качи на сцената и свиреше во друштво со Мухамед Ибрахими, одличен џез музичар, а во тонот ги следеше Александар Стојанов – Зорин од Стринг Форсис. Бидејќи настапот им беше импровизација си дадов за право да го именував како „Варијација на незададена тема“. Потоа тука, десно од мене беше Радмила Павловска, која ми кажа дека јас сум и утеха во животот, знам зошто ми го кажа тоа, но, нема да ви откријам, не е за во овој текст, со неа беше и Илинка Делчева и адвокатот Антон Моцан, потоа, Соња Бакс Шотаровска која постојано кружеше околу и следеше дали е се во ред, а која патем кога влегов на изложбата ми пријде, ме изгушка и ми рече:
„Утре си одам за Англија, а те мислев пред некој ден, сакав да дојдам кај што пушташ музика, баш нешто ми се денса“.
Дојде и Милчо Манчевски, во друштво на веројатно неколку негови соработници од филмот кој го снима низ Скопје периодов, беше и познатата Маја Ангеловска која изгледаше како излезена од Бурда – одлично, браво за Маја, на шанкот висеа Фиц и Александар Ристевски со кого јас заглавив подоцна во истата таа вечер до доцна во ноќта по некои скопски шанкови. Во дното, десно од влезот Филип Фидановски беше со некоја негова екипа која мене ми делуваше на супер модерна екипа. Имаше и уште многу многу други, ако некого испуштам молам да не ми се лути. Ненамерно е. Се разбира Елена вечерта брилираше. Фалеше само уште Иво Антов за целината да биде заокружена, но, тој, од оправдани причини го пријави своето отсуство. Лично на мене.
Шетавме низ просторот и гледавме во изложениот што накит, што останати работи кои беа поставени во затворени стакла.
На накитот и останатите изложени работи, не кај сите, имаше ликови од луѓе кои веројатно се наследство од животот на Елена, а кои мене во еден момент почнаа да ми личат на сите овие наши луѓе кои се присутни тука на изложбава. Се’, но и не се тука во Скопје. Некако ме заболе душата за Скопје, што половината наши луѓе веќе не се тука, во Скопје. Се вратив на масата каде што седевме и почнав да гледам во сите. Одеднаш како на сон, сите се тука. Многу чудна душа има овој град. Поголемиот број што заминаа ќе кажат дека, да, заминаа, но никогаш не заминаа одовде засекогаш иако многумина од нив знаат гласно да кажат дека му се лути на Скопје и дека веќе никогаш нема да се вратат во него, а всушност секогаш се враќаат.
Е, ова е тоа што ме останува во Скопје, си помислив. Ова е тоа што ме враќа секогаш назад. А сум имал милион прилики да заминам засекогаш од овој град. Ме држи тука тоа што знам дека Скопје секогаш давал супер креативци и супер кул градски ликови кои никогаш нема да го заборават Скопје, односно никогаш нема да заборават дека тие се наследството на овој град. Тие се овие триста чуда изложени вечерва овде. Да, се’ уште се некаде по светов, но, кога и да можат се враќаат бидејќи знаат дека само едно е Скопје и никој никогаш нема да може да му ја убие душата, дека тие / ние / вие, сите вие кои го читате ова сме духот, лицето, рацете, нозете, сите ние сме она што Скопје мора да биде. И тоа никогаш не смее да заврши. Никогаш не смее да престане. Мораме да ги заборавиме мрачните моменти кои му се случија или му се случуваат на градов и мораме да продолжиме напред. Мораме на Скопје да му ги вратиме вистинските вредности. Мене изложбата на Елена Кичевска ме потсети на тоа дека Скопје е навистина многу, ама многу кул град. Колку само убави луѓе беа собрани на едно место и уживаа да бидат едни крај други. Ова мора да продолжи. Елена, продолжи да создаваш убавини, а и да ги собираш сите убави луѓе на едно место. Ни треба тоа, на сите.
И за крај ќе порачам: Не! Нема да си одиме одовде, напротив, ќе работиме на тоа да ги убедиме оние кои заминаа да се вратат овде и заедно да му ја вратиме насмевката на нашиот град.
Јас другари, стојам на располагање.