oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Ќе ја имаме ли среќата конечно да ги почнеме преговорите со Европската Унија? Не за друго, туку под итно да слетаат бриселски бирократи во Скопје. Да им дишат во врат на нашиве мешетари. Малку да ги стават под свое, секако ако не успеат и нив бргу да ги корумпираат. Ако тоа не им појде од рака, тогаш ќе си имаат големи проблеми со присилата на европските стандарди.
Македонија е пред нова транзиција. Овој пат, посакувана, европска. И таа ќе биде долга и мачна. Но и извесно ефикасна. Тоа е можно само со диктат однадвор и со железна посветеност одвнатре. Само така европските вредности ќе се почувствуваат и овде. Ќе резултира тоа со пристоен правен поредок. Со спастрени институции, одговорна администрација, еколошка свест. Со подразбудена јавност и со поодговорни политичари.
Но, кој досега се провна во ЕУ, се провна. Отсега па натаму, кој сака внатре, само под строга европска стража. Со новите методи што ги наметна Макрон, патот ќе биде потежок ама посигурен. Со проверки и со разни контроли и без она „ние напишавме, ама не реализиравме“. Нашиве полека ќе мораат да се простуваат од тендерски местенки, од партиски вработувања, од клиентелистички полтронирања, од судски и секакви други узурпирања. Македонија конечно или ќе треба да заигра според европските вредносни правила или ќе атрофира од сопствената корупција. Ако на пролет ги добиеме преговорите, повеќе ќе нема многу зезање. Пораката од Брисел, ќе е куса, јасна и ригидна.
На патот за интеграциите Македонија мина ужасно тешка етапа. За таа цел, трпеше и уште трпи емотивни трауми поради решенијата под притисок. Земјава го промени своето име во уставот за да ги добие НАТО и преговорите за ЕУ. Но, како и да завртиш, Македонија со Преспанскиот, времето тоа неминовно ќе го потврди, е во голема добивка. Но, пак не ќе е лесно. Правилата се строги и јасни. Попуштање за европските стандарди нема. Тие, впрочем, се важни, не толку за нив таму, колку за нас овде. Во прилог на ова само неколку факти:
Прво, решен е еден неразбирлив и токму поради тоа и тешко решлив меѓудржавен, меѓусоседски спор. Второ, да не го стореше тоа, Македонија со години натаму не ќе беше ниту некаква тема за некакви интеграции, па ќе си останевме закотвени на балканското дно. Трето, еве НАТО, токму поради Преспанскиот, е завршена приказна. Четврто, земјава, главно поради или поточно благодарејќи на договорите со соседите, се ослободува од робувањето на некои историски заблуди и од некои непродуктивни романтизми. Петто, со Преспанскиот и за Република Северна Македонија во оваа глобална информатичка ера е отворен нов развоен хоризонт.
Македонија е на чекор до европскиот праг. Патот натаму ќе е долг и мачен. И можен, само со железни чевли и со челична волја.