Денеска, во Националната филхармонија во Скопје ќе биде отворена НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.
На отворањето на Конференцијата свои обраќања ќе имаат премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже на отворањето на НАТО Конференцијата за комуникатори.
Видео-обраќања ќе имаат и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералот Филип Лавињ.
Како што соопшти Министерството за одбрана, НАТО Конференцијата за комуникатори е најголемата годишна конференција за комуникатори во Алијансата.
На Конференцијата ќе учествуваат околу 300 лица, а на истата ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.
Стратегиските комуникации и оваа годишна Конференција на комуникатори се високо на агендата и на НАТО Алијансата и на Министерството за одбрана, водени од истите вредности – демократијата, отвореноста и транспарентноста, медиумските слободи и доброто владеење, стои во соопштението на Министерството за одбрана.