ВОЈО МАНЕВСКИ
Во сите политиколошки дефиниции и градации на колективната опсесија поврзана со припадноста на заедницата постојат – патриотизам, национализам и шовинизам. Кај нас на Балканот тие се врзани како свински црева. Штом се истакнува патриотизмот веднаш рака под рака со него е и национализмот а тука некаде е и шовинизмот. Зошто е тоа така сите знаеме. Сите овие народи сеуште сé во процес на себе идентификација и потврда на својот идентитет. Дали некогаш овој процес ќе заврши, не знам, но се сомневам дека ќе ги следи народите до крајот на нивното раселување од овие простори. Тоа веќе и не е невозможен резултат.
Зошто се злоупотребуваат чувствата на граѓаните кои лесно се провоцираат?
Затоа што тоа е најлесно и како чад ги покрива актуелните проблеми за кои владата нема решение. Најновите показатели велат дека инфлацијата е близу до пет проценти. Во септември по традиција се потребни најмногу пари за потребите на едно семејство. Почетокот на учебната година е притисок на семејниот буџет. Решение за растот на инфлацијата и високите цени посебно на храната засега нема а тешко и дека ќе се најде. Ако го погледнеме тој процент на инфлација поврзан со храната и кај европските држави ќе видиме дека тој се приближува кон десет проценти дури и кај богатите држави како што е Норвешка. Хрватска веќе и близу тој процент а цените на храната не стагнираат.
Што и е на располагање на нашата влада како мерка? Да премине на систем на штедење или рационално трошење не може, поради големиот увоз на храна и увезената инфлација. Не сака затоа што е пред локални избори и таа мерка може да доведе до намалена понуда и сепак раст на цените. Да се задолжи и да ги зголеми платите, пред сѐ на своите чиновници ќе влезе во спирала на трка меѓу платите и цените која пак ќе доведе до зголемување на цените ама и на надворешниот и внатрешниот долг. Еден момент граѓаните ќе се задоволни од зголемените плати, а веќе следниот период зголемените цени ќе го обезвредат тоа зголемување. Засега не сум видел ниту од стручната фела да предложи некој модел на полесно пребродување на состојбите. Проблемот е навистина комплексен и не сум сигурен дека имаме знаење да донесеме добри мерки. Без наше домашно производство се сѐ сведува на игри околу маржите и царинските стопи.
Е затоа, владата како и сите влади до сега, пред вакви искушенија а посебно пред избори од било кој степен на власт, посегнува по чувствата на граѓаните. Мала група на будалетинки или хонорарци ќе го потпали огнот и сега со гаснење ќе се занимаваме сите и за зимница или тетратки за децата ќе мислиме подоцна. А тие што го палат националистичкиот оган и не прават зимница, и не испраќаат деца на училиште. Тие се навивачи за нешто по потреба и тука завршува нивната улога.
Втората причина зошто се пушта димната завеса од националистички оган е одбележувањето на Илинден како централен државен празник. Празните ливади на Мечкин камен и другите места каде се оддава почит на историските случувања и личности испрати порака до партиите кои се спремаат за локални избори во октомври.
Кој ќе дојде на нивните митинзи ако сега граѓаните откажуваат послушност?
Партиското клиентелистичко членство не ѐ веќе доволно за големи изливи на единство и масовна хистерија. Затоа мора да сѐ работи на прибирање на секое зрно во амбарот. Тоа што на одговорни места се ставени личности кои предизвикуваат негодување кај членството може за момент да се премости со нови ветувања и разгорување на чувството на загрозеност на национален план. Мислам дека ќе бидеме сведоци на низа на изјави и постапки кои за крајна цел имаат сплотување на „нашите “ наспроти „нивните“.
Се обидувам да направам една паралела како логичен след на резултатите од две различни изјави. Претседателката во својот говор на Мечкин камен посочи три точки како акутни проблеми на државата, како правен организам.
Прејаки лидери – а слаби партии, силна партизација на државните органи и со тоа нивно ослабување во извршување на законски определените должности. Силни поединци и групи кои преку неформални центри на моќ ги водат процесите сметајќи само на своите интереси. Како професор по правни науки претседателката знае дека системот вака поставен не може да функционира и ќе произведува само негативни резултати. А резултатите се голема корупција и организиран криминал кои не само што го подјадуваат буџетот и националното богатство туку ја уништуваат и надежта на идните генерации дека овде дома ќе имаат колку толку пристојни услови за живот. Статистиката вели дека повеќе од 17 илјади работници има помалку споредено со минатите резултати. Како ќе се победи инфлацијата ако нема кој да произведува доволно основни продукти за да опстане заедницата? Реалниот живот не е ПР политика на владата туку борба да се врзи крај со крај. Да не зборуваме за процесот за целосно раслојување на населението по сите основи. А зошто би останале младите да живеат во вакви услови? Да станат сите партиски активисти и функционери предлага една пратеничка со сопственост од седум стана. Ако е тоа решението ајде да пробаме дали е возможно сите да седиме а се од некаде да ни доаѓа и тоа бесплатно.
Споредбата врз која ги извлекувам заклучоците е со еден ваков говор на поранешен претседател пред академиците пред четири години ако не се лажам. Посочените точки на заплет во државата за кој не наоѓаме решенија беа содржани во тој говор. Нема суштинска разлика меѓу двата говори. Тогашната опозиција тој говор добро го искористи а резултираше и со поделба на СДСМ што заврши со ЗНАМ иако се сомневам дека во ЗНАМ знаат како да најдат решение за посочените проблеми.
Кој се „прејаките“ лидери во политичките партии (поединци како што го формулираше тоа претседателката). Тоа секако не е Филипче кој сеуште се бори со разни влијанија во неговата партија што му го стеснуваат кадровскиот потенцијал пред претстојните локални избори . Струмичкиот градоначалник, проф. Ралев и уште неколку очекувани кадровски решенија се доволен показател за силината на Филипче.
Другите лидери се само дувачка секција во оркестарот кој се заснова на ритмика и жичени инструменти. Значи, дедукцијата ќе заврши на две личности од политичкиот јавен живот кои се пресилни во споредба со партиските структури кои ги водат.
Едниот е претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер на Владата, кој во моментот е неприкосновен авторитет во сите нивоа на парламентарната и извршната власт, а после изборите можно е и на правосудната власт, судејќи според најавите за реформи во таа власт. Логично е дека оној што ги прави реформите има и најголема можност за водењето на процесите и зацртување на резултатите.
Смее ли Мицкоски да си игра со резултатите од следните локални избори?
Ни случајно. Ако на патот кон таа цел се испречи некаква инфлација или зголемени цени, тој проблем ќе биде решен со некои популистички мерки или задолжувања за поголеми плати на чиновниците, медицинарите и даскалите.
Оние што поставуваат незгодни прашања ќе бидат замолчени со бран на националистички чувства за загрозеност на опстанокот на народот.
„Сега не е време а вакви прашања ,сега кога опстанокот е загрозен “- проверен рецепт и одговор кој го слушам веќе половина век без разлика на идеолошките системи и носителите на власт.
Втората личност која во овој момент е прејака за партијата која ја води е Али Ахмети . Една година после влегувањето во власт на ВЛЕН таа коалиција се тетерави од нога на нога меѓу верноста кон премиерот и целите кои ги прокламираше на изборите. Да остават слабата кадровска екипираност да ги добие локалните избори не им паѓа на памет на лидерите во коалицијата. Затоа сега тие ќе трчаат за градоначалници на општините од каде впрочем и дојдоа . Ако не успеаја да ја оправат државата од позиција на министри и вицепремиери, како ќе ги оправат општините кои сакаат да го водат?
Затоа Ахмети играјќи со својот минат политички капитал жонглира со националните чувства на Албанците во Македонија.
Пожарите во Македонија ги пренесувале лисици со запалени опашки и скакулци со запалени крила. Хе-хе, во политичкиот живот има многу животинки со запалени опашки а за скакулци што прелетуваат и палат огнови да не зборуваме. Размислете почитувани мои сограѓани како ќе ги гаснеме огновите . Со држење на празните црева и ние ќе изгориме.