пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Пандемијата предизвикана од Ковид-19 создава и ќе создава уште долг период проблеми и ги става и ќе ги става државите и заедниците пред нови предизвици.
Глобалноста на пандемијата со која се соочија луѓето ја покажа сеопштата поврзаност на човештвото, со леснотија преминувајќи преку границите кои луѓето сами ги поставиле, ги минимизираше разликите базирани на вера, култура, образование, раса, статус… и на површина исфрли многу проблеми кои вообичаено се маргинализираат или се занемаруваат заради тоа што им се случуваат на „оние другите“, а не нам.
Прашање е дали пандемијата ќе ги поттикне луѓето врз основа на стекнатото искуство да направат промени со кои ќе адресираат не само сличен вид пандемии кои можат да се случат во иднина, туку да ги адресираат и оние другите, прикриените проблеми кои испливаа на површина. Човештвото во целина, и, секоја држава посебно.
Што исфрли на површина пандемијата во Македонија? Кои се лекциите кои ги научивме? Што е она што може да го промениме?
Прво, формалното постоење на демократските институции не соодветствува на нивната реална поставеност и улога која треба и можат да ја имаат и граѓаните воопшто не ги перципираат како корисни и потребни.
Мора да се направат такви промени во Уставот, Изборниот законик, Деловникот за работа на Собранието и другите закони, кои ќе го издигнат Собранието на ниво на вистински претставнички орган, а не непотребен приврзок на извршната власт. Промените треба да овозможат добивање вистински претставнички орган и ефикасна власт која е во служба на граѓаните. Една од можните промени е употреба на современата технологија во процесот на гласање и во делувањето на органите на власта (како искуство стекнато во периодот на справувањето со Ковид-19).
Второ, во изминатиот период се покажа дека голем дел закони се непрецизни, внатрешно контрадикторни и контрадикторни на легалниот систем во целина и, можат да подлежат на различни толкувања.
Треба да се пристапи кон рецензија/проверка (proof reading) на законите од аспект на нивната прецизност, конзистентност, согласност со Уставот и меѓународните ратификати. Прв чекор на промената треба да биде воспоставување забрана за „штанцање“ закони, т.е. правило на минимум временски период кој треба да помине пред да се иницира промена (не пократок од три години), правило на минимум период за подготовка на закон (не пократок од една година) и, правило на минимум јавна расправа во која ќе може, не симулирано, туку вистински да учествуваат сите заинтересирани (не пократок од една година).
Трето, со години се уништува јавното здравство, здравствениот систем нема капацитети да одговори на потребите на населението и при првата поголема криза мора да ги затвори луѓето за да не се види колкава е неговата неспособност.
Треба да се обнови системот за заштита на здравјето на луѓето на ниво на заедничка служба која е еднакво достапна за сите граѓани, во која максимално се вложува (како материјално така и со градење трајни човечки капацитети) и која има и кадровски и материјални можности да одговори на потребите на населението без да ги загрози здравјето и животот на вработените.
Четврто, образованието е со години заглавено на слеп колосек на некомпетентност, маргинализираност, примитивизам и затвореност за новите образовни перспективи и понуди. Гломазниот и ригиден образовен апарат нема шанси да реагира ни на помали промени, а камоли на кризна ситуација како оваа сегашната со Ковид-19.
Потребна е коренита и суштинска промена во насока на флексибилно, динамично, разновидно и квалитетно образование, што ќе започне со едукација на едукаторите. Правото на образование не смее да биде дерогирано ни во најспецифични и посебни услови што подразбира градење систем во кој секое дете и секој човек ќе може да го остварува ова право со максимална поддршка од државата и заедницата.
Петто, работниот процес, работничките права и целокупната економија во Македонија, се веќе неколку децении заглавени во првобитната акумулација на капиталот карактеристична за 15-ти, 16-ти, 17-ти, а не за 21-ви век. Економскиот развој во услови на криза само ги заостри веќе наталожените проблеми (бенефиции за крупниот капитал за сметка на ограниувањата на работниците, огромна разлика во платите, застарени односи и менаџирање, отсуство на елементарна заштита на работниците, поставување на правото на работа версус правото на здрава животна средина, …).
Потребни се промени во разбирањето на правото на работа како основно човеково право затоа што работата не се исцрпува со заработувачката туку претставува составен суштински дел од човековото постоење и развој. Промените треба да овозможат достоинствени услови за работа, флексибилност поддржана од употребата на новите технологии, воспоставување баланс меѓу семејниот и работниот живот, искористување на можностите за работа од дома и на далечина, …).
Шесто, Начинот на постапување на власта во време на криза, на виделина го исфрли авторитарниот карактер на владеењето во Македонија, отсуството на вистинска комуникација со граѓаните, недостатокот од информирање на граѓаните, отсуството на контрола на власта и потполниот недостаток од осмислена партиципација на граѓаните во одлуките на власта.
Потребно е потполно менување на односот власт-граѓанин. Промена која ќе ја стави власта во служба на граѓаните, под секојдневна контрола на граѓаните и ќе ја направи зависна од барањата и потребите на граѓаните.
Во драстичниот колорит на управување во услови на криза, Граѓаните на Македонија имаа можност да ги видат и осетат на своја кожа недостатоците кои се таложеа со децении и кои доведоа до дезавуирање на демократијата, човековите права, владеењето на правото и градење на извитоперен однос во кој граѓаните ѝ служат на власта наместо обратно.
Сега имаме шанса да најдеме начини да го промениме ова. Затоа што проблемите испливаа на површина и не смееме да дозволиме да се затскријат.