oд корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Новинарството е и занает и професија и хоби. За новинарите има само две состојби: или си новинар или не си новинар. Во оваа работа нема хибриди. Нема трето. Затоа новинарството е и убава и проклета професија. Еве, во еден збор, проклетоубава.
Убава е зашто ѝ служи на вистината, на правдата и правдината. Во исто време е и проклета зашто често е на услуга и на лагата, на неправдата и неправдината. Алатка на интересите на политиканството во политиката и на криминалот во бизнисот.
Актуелното македонското новинарство е преполно со проклети појави. Последната е кампањата, подлата кампања со детето на доскорешниот македонски премиер.
Една искрена и во релаксирачки амбиент реакција на Зоран Заев во еден неформален семеен разговор со својот грчки колега Алексис Ципрас во времето на грчевитите преговори за барањата решенија за деценискиот меѓудржавен спор, двајцата премиери ги спомнуваат и своите деца. Го прават тоа во најчесна, шегобијна родителска конотација со цел и во приватниот муабет и двајцата да ја манифестираат силната меѓусебна искреност и преговарачка доверба. И сето најмалку во интерес и на нивните семејства туку првенствено на нивните народи и на двете соседни држави.
И токму една таква искрена, релаксирана и, пред сѐ, пријателска атмосфера меѓу двајцата премиери, еден таков домаќински муабет меѓу Заев и Ципрас, кога демек Македонецот чија земја нема море па во замена за остров, преку своето чедо на Гркот му нуди сватовство, дел од македонското новинарство, конкретно од македонски новинари, најконкретно од македонски уредници, ја преобразија во монструозна конструкција. Без ронка новинарска скрупула, шегата ја подметнаа како најподла предизборна алатка.
Целта, без сомнение, е очигледна. Да се открие и да се покаже ѕверот во партискиот конкурент. Да се претстави каков тоа монструм е човекот кој повторно пледира да ја преземе управувачката палка во државата. Предизборно да се дискредитира неговото елементарно човечко битие. Политички да се елиминира и да се отвори простор за нов народен миленик. Препознатливо за кој. Препознатливо за кого одработува ова уредништво.
Ете, дури и во една ваква мизерна функција деновиве се ставија дел од македонските редакции и нивните уредници. Нормално, оваа најжолта новинарска приказна кај најшироката јавност доживеа фијаско. Освен, се разбира, кај оние партиски најзаблудените за кои таа и беше наменета и кај кои единствено и можеше да помине.
Примерот е школски. Наменска уредничка услуга по нечија штапска нарачка. Во сето тоа, вчудовидувачкото е што на оваа нечесна измеќарска новинарска работа наречена „ќерка за остров“, се нафатија не некои случајни, не некои заталкани типови во новинарството. Туку возрасни, искусни, докажани, афирмирани новинарски имиња кои покажаа образ ѓон.
Значи, не ја кудете професијата. Не е до новинарството. До карактерот е.