Ги следам расправите околу приватно-попскиот плац кај Холидеј ин. И размислувам за некои работи.
Граѓаните
Оние кои се архитекти на својот живот и неговиот квалитет. Или барем би требало да се.
Тие се, скоро без исклучок, против сегашниот план за користење на тој простор. Заради загриженост за еколошките проблеми кои полека, но сигурно го гушат градот. Разбирливо, загрижени за своето и здравјето на децата сегашни и идни.


И тоа го искажуваат по дома, по гости кај пријатели, по социјалните мрежи, на анкети, ако некој случајно ги праша. И нивниот молк далеку се слуша. Исто како пред не многу одамна, кога еден архитект реши дека ќе им овозможи живеење во град-имитација на европска престолнина. И архитектот си отиде во Будимпешта, а тие си останаа во Блујампешта. Ама, по дома имаат право да си уредуваат како сакаат. Можат да си одгледуваат фикуси, орхидеи, кактуси. Слободно. Секој по свој вкус. Оти, тие се архитектите на својот живот.
Политичарите
Вистинските архитекти на нашите животи во оваа пародија од држава. Си ја тераат својата приказна: Важно е дека нема прекршување на законите и уредбите кои ги донела претходната власт, а тие мора да ги почитуваат. Законите се важна работа. Заедничка цел ни е да изградиме правна држава, нели? Додуша, и за екологијата се загрижени. Колку што во јуни беа загрижени за ланскиот снег.
Нема да спомнам тука дека можеа до сега и да сменат некои закони и уредби (многу се израдував кога го научив овој нов збор од министерот за транспорт и врски). Барем оние создадени за озаконување на манипулации и кражби. Или, тие се баш најтешките за менување. За тие да се сменат треба големи… На принципи, срце, душа, идеи мислев.
Нема да спомнам ниту тоа, дека баш и не мораа да го продадат тоа земјиште додека трае мораториумот во општина Центар и додека не се ревидира ДУП-от. Оти, сите зборувавме дека мора да се стави крај на градежната мафија. И? Чуму одеднаш толку брзање?
За нив, почитувачите на Трасимах, не ми се зборува повеќе, оти многу може да се рашири приказната.
Архитектите
Оние кои се по образование архитекти. Струка која исклучително ја ценам. И многу луѓе знам што ја работат. Убави луѓе. Креативни, отворени, широки.
Меѓутоа…Гледам и слушам некои од нив како жустро го бранат планот од Скопје Њујоркистан да направиме. Барем малку, со некоја стокатница.
Скопје бил велеград, па во центар баш ќе му личеле стокатници. Добро, не мора баш сто, ама барем шеесет. Тоа намалување од сто на шеесет, ми личи како инает. Затоа што Грујзилантош сакаше сто, ама зинат не му ги градиме! Оти сега ние сме еколошки свесни, а тој беше само криминалец. Шеесет се таман!
И на сите спорни прашања нашите архитекти имаат стручен одговор. Како тоа каде ќе се паркира? Па десеткатна подземна гаража ќе се направи! Да бе, како не ни текна на нас нестручните смртници за тоа решение. Оти не сме експерти. Само да се мрчело. Сигурно знаат и колку излези ќе има на најгорниот спрат од таа подземна гаража, од кои помеѓу 8 и 9 часот наутро 7.500 коли ќе излезат брзо на единствената поширока улица во близината на плацот, за да одат нивните сопственици на работа. И колку влеза ќе има за во истото време да влезат исто толку коли на тие што ќе работат таму. Не бе, каков сообраќаен хаос. Тоа ние мрчаторите неуки и некреативни не можеме да ја видиме поголемата слика.
И, ве молам. Немојте да споредувате со Скопје 2014. Оти тој проект го огрде центарот со необмислените потемкинови градби, а овој ќе го разубави со модерните и квалитетни стокатници.
Ги слушам и ги гледам како ги тријат рачињата. Од студов ли е или од многу работа, се прашувам. Скоро да ја чувствувам нивната премореност од деноноќно проектирање. Некои се сигурно веќе стасани во проектите барем до четириесеттиот кат. За да стасаат со проектот до крај кога ќе биде објавен конкурсот со краток рок.
Другите од фелата си молчат. Каде се убавите, креативните, широките, отворените? Тоа е. Секој го чека своето време.
Во меѓувреме децата ни се збунети. Не им се живее ниту во Блујампешта ниту во Њујоркистан. Доста им е од возбуди. Сакаат нормален живот, во нормален град, во нормална држава. И сите имаат архитектонски план за својот живот. Далеку од тука. Поддржан од нивните родители, пресреќни ако детето го исполни својот проект „Избегав јас што подалеку од овде“. Па и не е важно што децата ќе си отидат. Важно поповите ќе ни останат.
А Скопје? Градот убав пак ќе никне. И вечен ќе остане. Како споменик на апсурдот и лудилото. Полн или празен, ќе покаже времето.
А поентата. Немам поента. Само сакав да го изблујам ова горчливово од душата.
Преземање на содржините од оваа рубрика е ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
Илустрација: Philip Straub – “Metropolis”












