Откако беше пронајдена бактерија МРСА кај еден од вработените на Универзитетски стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, од Министерство за здравство велат дека нема опасност од зараза.
„Во установата се преземени сите мерки за дезинфекција и изолирање на бактеријата. Вработениот кај кој е потврдено присуство на бактеријата е изолиран и не доаѓа на работа. Превентивно, извршена е комплетна дезинфекција на просториите на катот каде вработениот работел, а во тек е дезинфекција и на сите простории“, велат Министерството за здравство.
Од Клиниката соопштија дека иако кај преостанатите вработени нема сомнителни симптоми, сепак превентивно по итна постапка во текот на денот се закажани термини за санитарен преглед на сите вработени.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Ирина Сотирова-Бухова, изјави дека бактеријата била пронајдена кај забен техничар во лабораторијата за мобилна техника и не бил во контакт со пациенти.
„Дури и да бил во контакт со пациенти не можел да им ја пренесе бактеријата, бидејќи сите вработени работат со ракавици“, изјави д-р Сотирова-Бухова.
А. П.