Во пресрет на референдумот закажан за 30 септември, во Скопје неделава доаѓаат канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц, како и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Нивното доаѓање го најави премиерот Зоран Заев, нагласувајќи дека тоа што тројца светски државници неделава ќе го посетат Скопје е уште еден позитивен сигнал, признание и поддршка за Македонија.
Премиерот Зоран Заев денеска коментирајќи ги документите што ги објави „Викиликс“ дека уште во 2008 година било прифатено името „Република Северна Македонија“ изјави дека тоа е уште една причина повеќе да застанеме сите заедно и да и обезбедиме сигурна иднина на државата.
Стопанската комора на Македонија и дава целосна и недвосмислена поддршка на Владата за референдумот, а по завршувањето на процесите околу членството во ЕУ и НАТО, очекува помирување на политичките партии и создавање уште подобри услови за развој на економијата.
Македонските компании да ја зграпчат новата шанса и мудро, ефективно и иновативно да ги искористат потпишаните договори со Грција и Бугарија. Досегашните опструкции и пречки за максимална бизнис соработка со овие два соседа се отстранети, порача денеска премиерот Зоран Заев.
Никола Груевски денеска од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.
Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.
Државната изборна комисија на денешната осма седница ги усвои записникот од седмата седница, Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори, Прирачникот за едукација на изборните органи и обрасците за спроведување на референдумот 2018.
ДИК ги разгледа и барањата за неприфаќање на извршување на должност во избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во странство, а на седницата беше извршен и случаен избор на членови на избирачките одбори кои ќе ги заменат и ќе го спроведуваат гласањето во странство.
Сведоци кои на некој начин учествувале во јавната набавка на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, беа сослушани на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, во раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, во соработка со Министерство за внатрешни работи на РМ ќе одржи работна средба на тема „Превенција од насилниот екстремизам“ што ќе се одржи во салата за состаноци, зграда 1, МВР, на 5 септември. На средбата ќе се посвети посебно внимание на радикализацијата и потенцијалите за насилен екстремизам што произлегуваат од говорот на омразата и национализмот во јавниот простор.
По работната средба, дел од учесниците ќе дадат изјави за јавноста во 12:30 часот.
А. Петровска