пишува: Коста Стоименовски
Поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ бараше да му се одобри да користи апанажа само 6 месеци додека не ги среди формалностите за враќање на поранешната професорска должност. Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, доби привилегии согласно важечките хрватски закони, но опозицијата бараше да му се скратат правата на канцеларија, службено возило, обезбедување и возач.
Во Македонија привилегиите за претседателите беа специјално донесени за првиот македонски претседател Киро Глигоров, но истите се практикуваат за сите наредни претседатели. Се наметнува прашањето, зошто Ѓорге Иванов не се врати како професор на Универзитетот и да се приклучи на академската заедница која го поддржа и го исфорсира на највисоката функција во државата?
Зошто во Македонија се носат закони какви што не се практикуваат ни за кралевите во земјите во кои постојат. Се носат „суи генерис“ закони за обезбедување на премиерот со 6 бодигарди, по негов избор, кои би го обезбедувале толку години колку што ја вршел премиерската функција!? Треба ли сега на Груевски бодигардите да му се пратат во Будимпешта?
Холандскиот премиер Руте оди на работа со велосипед, претседателот на Исланд како љубител на фудбалот не седи во службената ложа, туку седи на трибините меѓу гледачите! Во тој поглед, можат да се наведат многу слични примери.
Македонија никако не може да пркне, првенствено поради енормните трошоци на државата за разни луксузирања, непотребни прошетки по светските метрополи, преголемиот број на службени возила и трошоци за нивното одржување и користење, преобемната и неефикасна администрација. Никој не води сметка за имотот на државата и никој не знае со што располага државата.
Во Полска, Хрватска и други земји постојат министерства за државен имот. Во повеќе наврати апелирав и Македонија да основа вакво министерство, но, тука на мода се министри за странски инвестиции и министри без ресор, а не за имотот!?
Австрија, која се грижи за секоја потрошена буџетска паричка, има 13 министерства и двајца државни секретари! За секое патување во странство, вклучувајќи го претседателот и премиерот, одлучува австрискиот парламент. На Самитот на централно европската иницијатива што се одржа во ноември 2003 година во Варшава, тогашниот австриски премиер Богдан Шисел дојде утрото, настапи со свое излагање и веднаш потоа се врати во Виена!
Канадскиот премиер Џастин Трудо нема да учествува на овогодишниот Светски економски форум во Давос по критиките за потрошените 678.000 долари за учество на ланскиот економски форум. Исландскиот претседател Гудни Јохансон е најпопуларен европски политичар, над 80% од Исланѓаните имаат позитивно мислење за него, а во една анкета ужива доверба од дури 97%.
Финскиот претседател Саули Ниинисто, при минатогодишната посета на Хрватска, од Сплит до Осло летал со економска класа на нискобуџетната компанија „Норвежн“ (цена 61 евро), а од Осло се префрлил на лет до Хелсинки. Австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсел, на првото патување во странство (Словачка), потрошила само 10 евра за карта со воз до Братислава. Австрискиот канцелар Себастијан Курц до Франција или Германија патува со авион во економска класа.
Американскиот министер за здравство Том Прајз си поднесе оставка поради користење на скапи приватни авиони за официјални бизниси. Направил 24 приватни летови за 300.000 долари! Американските владини службеници, освен оние кои се занимаваат со национална безбедност, се обврзани да користат комерцијални летови за нивните патувања.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.