Упорно и упорно не ги разбираме
пораките кои ни се испраќаат.
На почеткот на ова четиво дозволите ми да се послужам со неколку реплики од филмот „Самоуништување“.
1.
Шила:
Води ме на одмор.
Кумплунг:
Може да, а може и не.
Шила:
Мацоооо …
Кумплунг:
Заеби мачиња и кучиња,
Јас сум таксист, не сум рокфелер.
Уље не сум сменил од лани.
2.
Цацко:
Шо праи Цоле бе?
Кумплунг:
Цоле чкопа.
Цел е на тебе. Ко ти да си го праел.
* * *
Ова, драги мои, се неколку реплики од македонскиот култен филм „САМОУНИШТУВАЊЕ“ снимен во Скопје 1996 година, во режија на Ербил Алтанај, според сценарио на професорот Сашко Насев. Во главната улога, односно улогата на Кумплунг ја толкува маестралниот актер Јовица Михајловски. Покарај него во филмот уште играат и: Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ, Тони Михајловски, Благој Чоревски, Силвана Ерац, Валентина Божиновска и др.
Чичко Кумплунг е синоним, односно пример, за тоа како не треба да се однесува пред се’ еден фамилијарен човек, а потоа и таксист, кој, се разбира, професионално треба да ја работи својата работа, а таа е: опслужување со превоз на граѓаните кои уредно му плаќаат за таа негова услуга. Заради недоличното однесување главниот јунак во филмот „Самоуништување“ чичко Кумплунг завршува онака како што завршува. Кој не го гледал филмот, топло препорачувам што е можно поскоро да го стори тоа. Тој негов трагичен крај е всушност пораката која филмот јасно, гласно и недвосмислено ја испраќа кон целокупниот аудиториум.
Пред некој ден прочитав пост на интернет, не сум сигурен на која платформа беше поставен од еден наш „новинар“ кој јавно ги повика скопските таксисти, кои го следат на интернет, да постапат исто онака како што постапи чичко Кумплунг во „Самоуништување“. Таму тој, на Водно, ја силува девојката на син му која потоа и останува бремена од истото тоа силување, заради што на крајот Кумплунг завршува во инвалидска количка, осакатен од раката на неговата сопруга.
На таков грозоморен чин типчево ги повика скопските таксисти и тоа да и го направат на новинарка која работи за странски медиум, која во моментов е во Скопје, дојдена да известува за референдумот. Таа, пред некој ден додека се возела во такси, тука во Скопје, напишала пост на Фејсбук во кој пишува како таксистот кој ја возел и се пожалил дека сите соседи на нашата татковина имале проблем со нас Македонците, а не ние со нив и тоа во контекст, зошто нашата земја денес се наоѓа таму каде што се наоѓа. Тоа е причината заради која типчево ги повикува таксисите да ја силуваат новинарката.
Искрен да бидам кога го прочитав овој јавен повик од памет се извадив. Од многу причини. Прво што помислив беше тоа дека таа новинарката, всушност човечко битие, е нечие дете, можеби и нечиј родител, сестра, која некој си таму јавно повикува да биде силувана, повторувам, јавно повикува да биде силувана, и тоа само затоа што напишала некаков пост на Фејсбук кој и оставил впечаток и тоа изговорен од човек кој ја превезувал со такси низ Скопје од точката А до точката Б.
Потоа влегов во позиција на нејзиниот татко или сопруг или пак син, или пак брат, кој не сакам ни да замислам како се чувствувал додека го читал постот во кој некое си таму типче, јавно повикува ќерка му/ жена му/ мајка му/ сестра му, да биде силувана од првиот таксист кај кого ќе влезе во кола. Само се ставив во позиција на блискиот нејзин, како се чувствува додека ги чита тие грозоморни редови. Оние кои што се родители знаат за што пишувам. Ужас! Ужас над ужасите!
Потоа се сетив дека таа е професионалец во својата работа (новинарка) и дека дошла дури до тука за да известува за новонастанатата ситуација, забележала еден многу интересен став околу омразата кон нашата татковина и решила да го запише. Став, за кој одреден број на наши сограѓани, за жал, и тоа во сериозна бројка, живеат со чувството дека е и вистина, дури и се убедени во тоа, односно, дека цел свет на нас Македонците ни е љубоморен, а особено тоа е најизразено кај нашите соседи.
И низ глава почна да ми се вртат сите нејзини наредни текстови полни со бес, напишани точно на оваа тема, насочени кон нас Македонците, само затоа што некој си јавно ја става на тапет да биде силувана од првиот таксисист кај кого ќе влезе во кола. Срам! Брука!
Па потоа искрено се понадевав дека таа е минимум рационална и дека сето ова нема да го разбере толку многу сериозно (иако и тоа како е за сериозно сфаќање и сигурно веќе некој и го превел значењето на постот) и многу бргу ќе го заборави, бидејќи е апсолутно несериозно нешто вакво да биде јавно напишано само затоа што некој забележал и запишал нечиј специфичен став по прашање кое во овие моменти е многу осетливо за сите во овој регион на Европа.
Доколку од некаде го читаш ова четиво, јас во името на сите граѓани на Република Македонија јавно ти се извинувам за оваа избрана реакција на само еден наш сограѓанин кој веројатно за да го сврти вниманието кон себе веќе и самиот не знае што да направи, па пишува вакви невкусни постови. Не, драга, ние Македонците не сме такви, не повикуваме на силување, на војна, на делење, на разврат, напротив, повикуваме на љубов и разбирање, топли сме како народ и гостопримливи, и нема да дозволиме да постанеме дел од едно самоуништување, само заради една незрела реакција на само еден наш сограѓанин. Извини девојче!
* * *
Друже, пак ќе ти повторам, чичко Кумплунг е синоним за тоа како не треба да се однесува еден граѓанин на една земја, затоа е и направен тој филм, за такви работи да не се случуваат, направен е да се извлече поука од погрешните постпаки на Кумплунг. И лично сметам дека треба јавно да им се извиниш и на новинарката, но и на сите таксисти во Скопје, а и пошироко, бидејќи нив ги поистовети со митот на една личност која на крајот завршува во инвалидска количка заради сопственото недолично однесување. Завршува неславно. Лично сметам дека ниту еден човек не сака, ниту пак треба да заврши неславно, онака како Кумплунг. Не се таксистите во Скопје – чичко Кумплунг, не биле, ниту пак ќе бидат, не се тоа неславни луѓе, напротив, не прави од нив животни!
И додека ги пишувам овие редови читам дека четири дечиња фрлиле од прозор во училиште соученичка и тоа како што рекол директорот на училиштето, во игра.
Не! Ние нема да се самоуништиме! Ќе го пребродиме ова, ќе се освестиме и ќе продолжиме напред, рамо до рамо си сите граѓани на Европа и Светот, бидејќи ние, но и генерациите кои доаѓаат го заслужуваме тоа!
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.