Лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски заврши без договор за датум за изборите.
Главна пречка за непостигнувањето договор се различните ставови на најголемите македонски политички партии.
„Едните инсистираа крај на јуни, а други почеток на септември, а ние предлагавме средина на јуни за да ги зближиме на средина. Но не успеавме да најдеме договор бидејќи немаше зближување на ставовите“ изјави Африм Гаши.
„Одговорот на ДИК е дека ДИК не може да организира избири во рок на 22 дена од завршување на вонредна состојба. Одговорот на ОБСЕ ОДИХР е дека тие се спремни да одговарат на нашето барање но треба да се определи датумот и да се почитуват оеотоколите за граници и здравствените протоколи. Затоа нашиот предлог не беше за лични каприци, со изборите на 26 јули ценевме дека ќе дадеме време да имаме помалку заразени и повеќе сигурност за граѓаните. Меѓународната наблудувачка мисија ќе ги има отворени границите до тогаш за да дојдат да набљудуват. Истовремено ДИК ќе има можност да ги отвори списоците и да имат право за да бират и да се бират и оние кои наполниле 18 години“, изјави Зијадин Села.
Тој додаде дека Пендаровски дополнително ќе ги информира за следната средба.
„Имаше дебата од сите политички партии и сите сме загрижени од ситуацијата. За сите нас здравјето на граѓаните е пред се. За ситуацијата треба да бидеме во комуникација со здравствените инситуции и да имаме консезус за датумот за одржување на изборите, имајќи го предвид здравјето на граѓаните. Многу е важно сите да сме одговорни и согласни за постигнувањето на нашите цели. Свесни сме дека сме без Собрание и со техничка влада. Многу е важно да не се политизира оваа ситуација за политички цели“, изјави Али Ахмети.
На прашањето за тоа дека во оваа ситуација сме поради тоа што неговиот сопартиец Талат Џафери одби повторно да го свика Собранието, Ахмети одговори дека претседателот на Собранието го почитува Уставот.
„За жал, повторно немаше усогласување за датумот за изборите. Ситуацијата со КОВИД-19 според здравствените експерти ќе продолжи и понатаму и ние треба да усогласиме датум за избори кој по завршувањето на вонредната состојба треба да се одржи. Останува Владата и претседателот на државата да одлучат до кога ќе продолжи вонредната состојба, а по тоа да се определи и датумот за изборите. Посакувам бројот на заразените да се намали но апелирам и инстиуциите да ги подготват граѓаните за изборите. Нашиот предлог беше јули, но за тоа ќе се одлучи понатаму. Додека нема договор, ќе важат роковите од владината одлука и ќе зависи од евентуалната одлука за продолжување или не на вонредната состојба. Ако не продолжи вонредната ќе продолжиме според владината уредба за изборите“, изјави Билал Касами.
Демократска партија на Албанците (ДПА) смета дека избори треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба, со почитување на препораките.
– Нашето мислење како ДПА е дека избори треба да има, но во зависност од развојот на коронавирусот. По завршување на вонредна состојба и 22 дена потоа, наш став е дека може да има избори почитувајќи ги препораките од здравствените институции. Претседателот не може да ја тргне вонредната состојба ако не се почитуваат мерките и ако нема образложение од институциите, рече денеска Азем Садику од ДПА по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Тој повика да се почитуваат мерките за заштита од вирусот.
„Зборувавме околу предизвиците, но сето она што како ВМРО-ДПМНЕ го кажавме се водеше од тоа како да го заштитиме здравјето на граѓаните и да излеземе посериозни пред граѓаните во насока на тоа да одредиме дата а ризиците да бидат минимални. Ја поставивме дилемата за ажурирање на податоците од дијаспората. Пред нас ги имавме извештаите кои ме разочараа. Извештајот на комисијата за заразни болести е она што веќе го имаме слушнато. Прилично неочекувано за мене затоа што очекував да бидат малку подетални. Дописот од ДИК антиципираше нов роковник, каде се доаѓа до бројката од 35-50 дена. А ОБСЕ бараат дата за да ни кажат колкава мисија можат да испорачаат. Предложивме три термини кога оценивме дека здравјето на граѓаните ќе биде најмалку во опасност“, изјави Христијан Мицкоски.
„Прво морам да ја искоментирам изјавата на Мицкоски кој се извини за лидерската средба, која се направи по негово барање, а по негово барање истата и се одложи. Како што веќе слушнавте за жал не се постигна договор иако сите податоци укажуваат дека се создадени услови. Тоа го потврдуваат и препораките на Комисијата за заразни болести, ОБСЕ/ОДИХР. Однесувањето на Мицкоски е на штета на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да креираат нова политичка криза. Тоа ние нема да го дозволиме! На граѓаните им треба враќање на новото нормално!“, изјави Зоран Заев.
Тој додаде дека очекува да се подготват сите процеси на институциите за изборите, пред се на ДИК.
На денешниот состанок не кажа како да се свика Собранието. Не спомна ниту нешто за напуштање на владата која е техничка и формирана за избори. Затоа според нас ова е само купување на време заради неспремност, односно страв да се излезе на избори“, истакна тој.
„Кандидатските листи се одобрени и прифатени од ДИК. Изборите се утврдени и закажани прашањето е дали има желба да учествува на истите. Сите услови се исполнети“, објасни Заев.
„Очекувам да се подготват сите и сите процеси да се завршат. На македонската демократија и требаат стабилни институции и поскоро рестартирање на македонската економија. Ние имаме обврска да го обезбедиме тоа. Нема да дозволиме никој, па ни господинот Мицкоски да ги загрози нивното здравје и нивните интереси. Ако има некој кој може да гарантира дека на 23 август ќе нема починати нема проблем ќе одиме тогаш на избори“, заклучи Заев.
Маја Ивановска
фотографии: Арбен Зеќири