Од 1 јуни контраразузнавачите ќе работат во нова Агенција за национална безбедност. Институцијата нема автоматски да ги преземе сегашните вработени од УБК, туку ќе направи селекција на профили што одговараат и не одгоовараат на новите работни места. Тие што нема да одговараат, според Министерот за внатрешни работи Спасовски, ќе добијат отказ.
„Припадниците на Агенцијата претходно ќе бидат изложени на длабински безбедносни, психолошки и друг вид проверки по пракса воспоставена од НАТО и останатите западни безбедносни служби“ – изјави Спасовски.
Иако реформска, и оваа агенција ќе биде владина бидејќи директорот ќе го предлага премиерот, а ќе го назначи Владата. Но и за Спасовски и за сегашниот директор на УБК, Горан Николовски тоа не значи злоупотреба на информации за одредени лица, бидејќи за секој чекор на агентите ќе биде информиран јавен обвинител.
Во изјава за 1ТВ, Фросина Ременски вели дека реформата треба да ја открие параполициската логистика од Управата што на поединци и групи им дозволила моќ и ресурси како што ги немаат и полициските службеници и дека треба да ја опфати одговорноста за сите промашувања во безбедносните проценки кои МВР ги доживеа во поголемите полициски акции во кои гинеа полицајци, се изврши петкратно убиство, можеше да се случи атентат на мандатар, сегашен премиер.
Контраразузнавачите сега ги губат полициските овластувања и нивната улога е единствено прибирање на информации. За да почне да функционира Агенцијата чија цел е заштита на уставниот поредок, потребни се 80 пратеници и од власта и од опозицијата да дадат зелено светло.