Министерството за правда денеска изнесе дека сметаат дека е несериозно да се бара изготвување на нов текст на Законот за Јавно обвинителство, бидејќи работната група го подготвувала истиот повеќе од две години, а една година има откога се започнати преговорите за ова законско решение.
Оттаму во нивното соопштение стои дека Законот за Jавно обвинителство, се изготвувал долг временски период во Министерството за правда, од работна група во која што учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и дури странски јавни обвинители коишто даваат сугестии и мислења за одредени пршања поврзани со Законот.
„Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст – се останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата“, изјавија од министерството.
Мицкоски денеска побара професори и експерти да изготват решение за законот за јавно обвинителство, кое, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го поддржи. Тој предложи да се формира експертски тим во кој би биле вклучени професорите по уставно и казнено право Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Заев, пред денешната средба со компаниите-членки на Стопанската комора Македонија – Турција, рече дека на секој во државава му е веќе јасно дека Мицкоски и опозицијата не сакаат законско решение за јавни обвинители и ги повика уште еднаш да го демантираат, ако тоа не е така.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со последниот предлог на Мицкоски, Заев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ можеше да понуди закон преку експерти пред две години, шест или три месеци.
Далеку од сериозен е, рече Заев, предлогот на Мицкоски според кој, законот веројатно би се донел до ноември годинава, а ваквата несериозност граѓаните ја препознаваат.
Ангела Петровска