Пишува: Амб. Лариса Дир Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
На 24 мај, кога Кијив и цела Украина сѐ уште закрепнуваа од уште еден масовен руски напад со ракети и дронови, беше објавена срамната одлука на European Gymnastics за укинување на сите санкциски ограничувања за руските и белоруските спортисти. Во момент кога украинските градови повторно беа изложени на разурнување, а цивилното население се засолнуваше во засолништа, една меѓународна спортска институција фактички ја отвори вратата за целосно враќање на претставниците на државите-агресори на европската спортска сцена.
Претходно, на 18 мај, Извршниот комитет на World Gymnastics, на седница во Шарм ел Шеик, донесе одлука за целосно укинување на ограничувањата за русите и белорусите. Односно, руските и белоруските спортисти ќе добијат право да настапуваат без какви било ограничувања – со знамиња, химни и национални симболи – во спортска и ритмичка гимнастика, скокови на трамболина, акробатика и аеробик.
Таква можност никогаш повеќе нема да добијат украинските спортисти кои загинаа под руските ракети и дронови. Тоа не е само отсуство на еднакви услови и можности – тоа е дискриминација. На државата-агресор ѝ се даваат исклучителни преференции за учество на натпревари, за подготовка и за развој. Претставниците на државата-агресор рф можат да бидат допуштени на натпреварите, додека украинските спортисти, меѓу кои има и такви што ги загубиле своите роднини и блиски, своите домови, кои биле принудени да се преселат, но и понатаму страдаат од руските гранатирања, можат да бидат дисквалификувани поради „неспортско“ однесување доколку не сакаат да ја слушаат руската химна.
Доколку World Gymnastics / European Gymnastics поставеше услови за спортистите од државата-агресор – Кремљ да ја прекине агресивната војна против Украина и по нејзиното завршување овие руски претставници-спортисти да добијат можност да учествуваат на спортски натпревари – тоа би уште било разбирливо. Но во овие услови – тоа претставува одобрување и согласност со агресивните дејствија на РФ.
Украинската федерација за гимнастика изјави дека оваа одлука „не само што е спротивна на декларираните етички принципи на спортот, туку содржи и знаци на суштински правни противречности со раководните документи на самата Меѓународна федерација за гимнастика“. Федерацијата нагласи дека одлука од ваков обем не може да биде донесена исклучиво од извршен орган, бидејќи се однесува на фундаментални прашања на безбедноста, еднаквоста и усогласеноста со Олимписката повелба.
Сепак, ниту оваа одлука не беше првиот загрижувачки сигнал. Уште на 7 мај 2026 година, Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет фактички ги укина препораките за ограничување на учеството на белоруските спортисти на меѓународни натпревари. МОК изјави дека е неопходно да се зачува „глобалната спортска платформа“, каде што спортистите можат да настапуваат независно од дејствијата на нивните влади. На тој начин беа демонтирани ограничувањата воведени по целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, и покрај тоа што Белорусија останува соучесник во агресијата и ѝ ја става на располагање на Русија својата територија и инфраструктура за водење на војната.
Сакам да потсетам дека пред две недели, спротивно на одредбите од Договорот за неширење на нуклеарното оружје, РФ и Белорусија одржаа заеднички нуклеарни вежби. Една диктатура ја претвора другата диктатура во свој нуклеарен плацдарм – на тој начин Минск се претвора во соучесник во рускиот нуклеарен уценувачки механизам. Тоа треба само да го засили санкцискиот притисок врз државите кои го прекршуваат меѓународното право, а не да создава стакленички услови за оправдување на воената агресија.
Повторно нагласувам дека особено опасно е тоа што овој процес се одвива во услови на тековна, целно насочена варварска војна што Русија ја води против Украина. Русија веќе уби 663 украински спортисти и тренери, 22 претставници на спортската заедница се наоѓаат во заробеништво, а уште 11 се сметаат за исчезнати. Повеќе од 830 објекти на спортската инфраструктура во Украина се уништени или оштетени. Спортски комплекси, стадиони, базени и училишта лежат во урнатини. Украинските спортисти продолжуваат да тренираат во услови на постојана опасност, воздушни тревоги, гранатирања и ограничен пристап до спортската инфраструктура. Многу спортисти беа принудени да ги напуштат своите домови и ја изгубија можноста за целосна подготовка.
Светските спортски институции сѐ почесто демонстрираат подготвеност да отстапуваат од сопствените принципи под притисок на руското влијание, парите и лобизмот. Руските криминални пари се обидуваат да придвижуваат сѐ. Враќањето на русите и белорусите на меѓународните натпревари се претставува како „неутралност“ или „заштита на правото на спортистите“, но во пракса создава услови за постепена „прифатливост“ на држави кои продолжуваат да водат агресивна војна против Украина или претставува платформа за руските злосторства.
Тенденцијата на постепено укинување на ограничувањата и „нормализацијата“ на присуството на Русија и Белорусија во светскиот спорт е исклучително опасна. Она што се претставува како „административна одлука“, всушност може да биде сигнал за подготвеноста на меѓународните структури да се вратат кон вообичаено коегзистирање во форматот business as usual со држава која продолжува да води агресивна војна, масовни убиства на цивилно население, депортација на украински деца и систематско уништување на украинските градови.
Враќањето на знамињата, химните и државните симболи на Русија и Белорусија не е прашање на спорт. Тоа е прашање на легитимизација на агресијата, варварството и создавање илузија на „нормалност“, која не може да постои според здравиот разум. Москва веднаш се радува на таквата „придобивка“ и ги користи ваквите одлуки како „доказ“ дека светот е подготвен да трпи и толерира руски злосторства без никаква одговорност.
Меѓународниот спорт не смее да стане платформа за пропаганда на држава-агресор. Лицата поврзани со руските и белоруските воени структури не смеат да бидат допуштени на меѓународни натпревари во кој било статус. Секоја поддршка на војната мора да биде безусловна основа за дисквалификација и заборав. Исто така е неприфатливо користењето на „неутралниот“ статус како инструмент за постепена рехабилитација на Русија додека војната трае.
Украина ја повикува меѓународната спортска заедница, владите на демократските држави, меѓународните федерации и олимпиското движење да не дозволат уништување на принципите врз кои беше изграден светскиот спорт по Втората светска војна. Толерирањето на агресорот под превезот на „аполитичноста на спортот“ претставува опасен преседан кој ја поткопува самата идеја за меѓународна солидарност и одговорност. Светот нема право да се навикне на војната, а уште помалку да го враќа агресорот во нормалниот меѓународен живот додека секојдневно гинат луѓе, се уништуваат украинските градови и продолжуваат воените злосторства.
Се обраќаме до Федерацијата за гимнастички спортови на Република Северна Македонија да не го поддржи укинувањето на ограничувањата за руските и белоруските спортисти во врска со воената агресија на РФ против Украина.
Специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ| Дозволено е преземање со атрибуција и линк до изворот: CC BY 4.0